Влада: Во 2021 ќе се донесе ДУП од државно значење за целото крајбрежје на Охридското езеро

Во текот на оваа година Министерството за транспорт и врски ќе донесе ДУП од државно значење за целото крајбрежје на Охридското Езеро, со што се очекува да се решат проблемите со сите видови урбана узурпација на крајбрежјето и водите на езерото, соопшти Владата по вчерашната седница, откако изминативе денови јавноста реагираше за негативниот Нацрт-извештај на УНЕСКО.

Од Владата велат дека неопходност од преземање итни мерки и активности, како и највисока подготвеност на сите чинители вклучени во процесот за да се отстранат опасностите по Охридското Езеро и неговото природно и културно наследство, согласно насоките на УНЕСКО, е од врвен приоритет и на новиот состав на Националната комисија за УНЕСКО.

Таа, тврдат од Влада, во координација со владиното интер-ресорско тело со кое претседава премиерот Зоран Заев, е вклучена во подготовката на Извештајот за напредокот за 2020 година кој нашата држава треба да го достави до УНЕСКО до 1 февруари годинава.

„Во овој извештај ќе влезат сите значајни активности и мерки коишто нашата држава ги реализираше во насока на зачувување на статусот на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион се, како што е формирањето и функционирање на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и Акцискиот план за постапување по Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од 2017 година“, соопштува Владата.

Во овој период, велат од таму, е донесен Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион до 2029 година со акциски план за имплементирање на режимите за заштита.

Исто така, соопштуваат дека се поништени плановите и проектите за ски-центар и пат низ НП „Галичица“, а за заштита на водите и езерката флора и фауна во тек е реконструција и целосно заокружување на колекторскиот систем долж целиот брег, вклучително и пречистителните станици, за што е формирано посебно државно ЈП Колекторски систем, и се работи на финансирање за целосна реконструкција на системот.

„Во соработка со УНДП, Електрани на Северна Македонија и со општините Охрид, Струга и Дебрца, се вршат работи за пренасочување на реката Сатеска, како најголемиот загадувач на езерото, во старото корито кон реката Дрим. Адресирани се и барањата на УНЕСКО за регулирање на сообраќајот во стариот дел на Охрид“, соопштуваат од Влада.

Понатаму, велат дека нивна инцијатива, во 2019-та беше поддржана номинацијата на Република Албанија за проширување на заштитениот појас на охридскиот регион и од албанска страна на 43-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, по што се формираше Меѓувладиниот Комитет за управување со сливот на Охридското Езеро, кој во текот на 2020 година одржа два состанока.

„Општина Охрид, согласно препораките на УНЕСКО, изработи посебен регистар на нелегални градби за подрачјето на општината како база на податоци во која се внесени се вкупно 1.076 досиеја за нелегални градби во периодот од 2006 година до мај 2019 година“, се вели во соопштението на Влада.

Инаку, извештајот на УНЕСКО, меѓу другото, упати итни барања за отстранување на дивите објекти на брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, но и усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

Исто така, заштита на старата градска архитектура, отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот и сончевите колектори од куќите во Стар Град. Понатаму, УНЕСКО бара да се ограничи и издавањето на дозволи за градба согласно Планот за управување со регионот и ќе каже дека во Стар Град не може да се поставуваат тенди, настрешници и останати реквизити со кои се нарушуваат визурите околу знаменитите објекти од културно историското наследство, конкретно посочувајќи ги тендите на летните тераси околу црквата Света Софија.

Нацрт-извештајот наиде на остри критики од јавноста, активистите на Охрид СОС ги посочија владините институции и општините дека се неодговорни кон единственото УНЕСКО подрачје, а Фронт 21/42 побара од претседателот Стево Пендаровски да се донесе забрана за урбана или крајбрежна трансформација во Охридскиот регион.