Влада: Дигитализација на картотеката на Институтот за македонски јазик, пари за помош на ноќни клубови и ресторани за свадби

Дигитализација на картотеката на Институтот за македонски јазик, дополнета парична награда за олимпиецот Дејан Георгиевски и одобрени средствата за помош на туристичките агенции, за ноќните клубови и за рестораните за свадби, се дел од одлуките кои ги донесе Владата на 93-та седница.

Владата го задолжи Фондот за иновации и технолошки развој средствата добиени од Министерството за култура во износ од 5.000.000 денари наменски да ги искористи за дигитализацијата на картотеките при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”, а согласно објавениот јавен повик.

На оваа седница беше одлучено и паричната награда за Дејан Георгиевски за постигнатиот врвен олимписки успех да се зголеми за 800.000 денари, па сега изнесува 2 милиони денари од страна на Владата и 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.

Покрај ова, Владата ја разгледа информацијата за реконструкција на спортската сала „Партизан“ во Општина Карпош и ја задолжи Агенцијата за млади и спорт да спроведе постапка за избор на изведувач на работите и да ги обезбеди средствата во висина од 70.000.000 денари распределени по годишни износи за 2021, 2022 и 2023 година.

Владата ја дополни Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи со дополнителни 22.900.000,00 денари со што вкупниот износ на средствата од дел I на оваа програма наместо 15.000.000,00 денари ќе изнесува 37.900.000,00 денари.

„Со предвидената мерка ќе им се овозможи на лицата кои нивните месечни приходи во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000,00 денари, да искористат годишен одмор во туристичките центри на Република Северна Македонија, и во исто време да им се помогне на туристичките центри за зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона“, се вели во владиното соопштение.

На истата седница, Владата ја усвои Информацијата за спроведениот Јавен повик за финансиска поддршка на Лиценцирани туристички агенции и донесе Одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година како дел од пакетите за справување со последиците од Ковид-19.

Со оваа одлука се одобруваат средства во вкупен износ од 50.880.000,00 денари на 258 лиценцирани туристички агенции.

Меѓудругото, Владата донесе Одлука за финансиска поддршка на ноќни клубови, со која се одобруваат средства во вкупен износ од 8.324.480,00 денари на 17 ноќни клубови од програмите за поддршка на компаниите за справување со последиците од Ковид-19.

Во склоп на истите програми, Владата донесе одлука за финансиска поддршка и на рестораните за свадби, за кои за вкупно 107 правни субјекти се одобруваат средства во вкупен износ од 51.650.798,00 денари.

„Владата на Република Северна Македонија ја усвои Информацијата на Агенцијата за вработување за неискористени финансиски средства во Посебниот фонд за финансирање на мерки за вработување на евидентирани невработени лица, и донесе одлука износот од 100.000.000 денари од неискористените средства да се користат за мерката субвенционирање на плати заради значителниот интерес од страна на невработените лица и работодавачите“, стои во соопштението.

Ова според владините претставници, ќе обезбеди субвенционирање на плата за дополнителни 438 невработени лица, со што бројот на лицата опфатени со оваа мерка ќе изнесува 1.304 лица.

На оваа седница Владата ја прифати и одлуката на Комисијата за именување, Горан Сугарески да го разреши од должноста в.д. директор на Царинска управа, и на оваа позиција да ја именува Славица Котиров, досегашен заменик-директор.