„Виз ер“ ги укинува летовите од Скопје до Барселона и од Охрид до Лондон

„Виз ер“ ја укинува продажбата на билети за двe од своите авионски линии надвор од Македонија, една недела откако владата го поништи тендерот за доделување на финансиска поддршка за лансирање на нови дестинации, објави порталот „ExYuAviation“.

Нискобуџетниот авиопревозник ја прекина продажбата на билети за Скопје-Барселона од 26 октомври. Исто така, ја прекина продажбата на билети за своите летови од Охрид до Лондон од 24 октомври.

Како што претходно беше објавено, „Виз ер“, ќе ги прекине летовите помеѓу Скопје и Ваксјо во јужна Шведска од средината на септември, поради слабата побарувачка. Последниот лет помеѓу двата града ќе биде на 16 септември, по што продажбата на билети е прекината.

Летните летови помеѓу двата града беа претставени пред една година на 14 јули. „Виз ер“ ќе продолжи да лета до Стокхолм, Малме и Гетеборг во Шведска од главниот град. Оваа година, „Виз ер“ ќе го зголеми капацитетот на своите летови од Македонија, преку надградување на двата од своите четири авиони стационирани во Скопје, од Ербас А320 до поголем А321, пишува „ExYuAviation“. Покрај тоа, компанијата ја подобри понудата меѓу Скопје и Милано, со летови до меѓународниот аеродром „Малпенса“ наместо „Бергамо“, додека новите летови од Виена до Охрид ќе бидат воведени во ноември.

Претходниот тригодишен договор со државата за субвенционирање на нови дестинации, истече во јуни. Како резултат на тоа, нискобуџетниот авиопревозник повеќе не е договорно обврзан да ги одржува своите дестинации што ги лансираше во текот на изминатите три години, ниту пак добива субвенции за нив. Македонското Министерство за транспорт и врски неодамна го поништи тендерот за нов круг субвенции. Само една авиокомпанија аплицираше, но Министерството забележа дека запечатените коверти не ги содржат името и адресата на превозникот, како што е наведено во тендерската документација.

„Министерството сака да информира дека ќе објави јавен повик за доделување на финансиска поддршка за авиопревозниците во најкус можен рок, со цел да овозможи развој на воздушниот сообраќај во Македонија”, се вели во соопштението на министерството.