Вистинското истражувачко новинарство секогаш е под „Spotlight”

Во 2003 година, по серија написи, „Бостон глоуб“ доби Пулицерова награда. Весникот ја доби наградата за својата храброст, комплетна покриеност, напор кој предизвикал да биде откриена тајна, да испровоцира локална, национална и меѓународна реакција, како и тоа што текстовите произведоа промени во Римокатоличката црква

Филмот „Spotlight“ (слободен превод: рефлектор, центар на вниманието) на режисерот Том Мекартни е прогласен за најдобар филм во 2015 година од страна на Националното здружение на филмски критичари на САД. Тоа е филм за новинарите што го разоткрија најголемиот скандал во историјата на Католичката црква со злоупотреба на деца од страна на свештенството.

Во почетокот на 2002 година, „Бостон глоуб“, односно рубриката за истражувачки стории „Спотлајт“(Spotlight), отвора приказна за сексуална злоупотреба на деца од пет римокатолички свештеници. По неколкумесечна истрага, новинарите доаѓаат до бројка од 90 свештеници кои сексуално злоупотребувале деца. Но, откако ја објавија приказната, се јавија илјадници жртви на насилство, што резултираше со повеќе судски процеси и кривични предмети.

Кога стана јасно дека има вистина во многу од наводите, кои дотогаш беа третирани само како шпекулации, како и дека постои шема на сексуална злоупотреба и прикривање, приказната експлодира во национален скандал. Како резултат на скандалот, Католичката црква во САД ја претрпе најголемата криза од основањето. Приказната ги охрабри жртвите на сексуална злоупотреба во католичките цркви и од другите земји погласно да зборуваат и да ги пријавуваат злоделата.

ОТЕЖНУВАЧКИ ФАКТОР

Додека новинарите ги истражува сториите, најмногу преку директни контакти со жртвите, главен отежнувачки фактор беа огромните напори на католичките бискупи да ги задржат овие злосторства како тајна.

Во 2003 година, по серијата написи, „Бостон глоуб“ доби Пулицерова награда. Весникот ја доби наградата за својата храброст, комплетна покриеност, напор кој предизвикал да биде откриена тајна, да испровоцира локални, национални и меѓународни реакции, како и тоа што текстовите произведоа промени во Римокатоличката црква.

Приказната почнува да се плете откако Џон Гоуган (John Geoghan), свештеник во Бостон, беше пријавен за сексулно злоставување на дете. Новинарите веднаш почнаа со истрага, а како течеше истражувањето, тие откриле десетици случаи на тужби против црквата, но на жртвите им било сугерирано (забрането) да зборуваат за тоа.

Откако новинарите преку адвокатите на црквата дознаваат дека има документи од повеќе од 10.000 страници, кои се однесуваат на 84 различни тужби против свештеникот Гоуган, интервенираат кај судијата предметите да ги означи како јавни.

Воедно, новинарите дознаваат детали за таканаречените „таинствени приватни населби“. Тоа се еден вид католички гета во кои строго се почитува црквата и тешко се зборува против неа. Разговараат со адвокати што ја застапуваат надбискупијата и макотрпно преку јавни судските записи, постепено составуваат листа на оние свештеници кои изгледаат како можни сторители на кривични дела.

Конечно, по долги часови надвиснати над документите за црквата, во потрага по имињата на свештениците, кои по извесно служење често биле „на боледување“ или „распоредени“ на други работни места, тие доаѓаат до стотина имиња на можни претстапници.

Откако новинарите покренуваат самостојна истрага во ноември 2001 година, судија во судот во Бостон пресудува дека целата доверливост од документите во случајот „Гоуган“ треба да биде укината и дека записите исчезнати од јавните датотеката треба да бидат повторно вратени. Адвокатите на Католичката црква поднесоа жалба и се заканија со тужби, но во јануари 2002 година весникот почна да го издава серијалот за педофилија во Католичката црква.

Како резултат на нивните пет месеци исцрпнa работа, тие откриваат дека злоупотреба од свештеници пријавиле 70 католички семејства.

Гоуган, со други зборови, не беше осамен сторител.

До крајот на јануари, почнуваат да се јавуваат првите стотици жртви. Работата на новинарите конечно била признаена кога судија во Окружниот суд во Бостон издал наредба секоја датотека во црквите во Бостон да се направи јавна.

По лавината реакции и покрај брзата одлука на кaрдиналот на Католичката црква во САД, Бернард Лоу, да смени стотици свештеници, под притисок на јавноста тој, сепак, поднесе оставка во декември 2002 година.

ЕКСПЛОЗИВНА ТЕМА

„Дури и пред нашата прва приказна да излезе, мислам дека сите имаа чувство оти ова е експлозивна тема со огромен потенцијал за влијание“, вели за „Гардијан“ Мајкл Полсон, поранешен новинар за верски прашања на весникот, кој беше еден од заслужните за добиената Пулицерова награда за 2003 година.

„Мислам дека ние сè уште сме сите изненаден од тоа колку брзо и драматично експлодира приказната. Прво, тука, а потоа низ целата земја и во целиот свет“, вели Полсон.

За Мајкл Резендес, новинар во истражниот тим на весникот, за оваа приказна „не постоело прашање дали е експлозивна“.

„Со оглед дека Бостон е еден од најголемите католички градови во САД, одлуката на уредниците беше доста храбра. Можевме да изгубиме доста читатели, но во судските случаи победивме, црковните документи станаа слободни, а тоа поттикна и други новинари, во други градови да го следат нашиот примерот“, вели Резендес.

Валтер Робинсон, тогаш уредник на рубриката „Спотлајт“, вели дека приказната од преку 800 статии предизвика:

„Кардиналот Бернард Лоу (Bernard Law) да поднесе оставка, 150 свештеници во Бостон да се обвинети за сексуална злоупотреба, повеќе од 500 жртви да поднесат тужби за злоупотреба, а донациите во црквата да паднат за 50 проценти.“

Резендес забележува дека е точно тоа што повеќе од 450 свештеници и четворицата бискупи поднеле оставка, како и тоа дека неколку држави, вклучувајќи ја и Масачусетс, воведе нови закони, обврзувајќи го свештенството да пријави сознание за злоупотреба на деца, но додава: „Ние сме сè уште далеку од тоа да се знае целосната приказна“.

Денес, Полсон верува дека постојат неколку основни причини зошто оваа приказна силно одекна низ земјата и во светот.

„Завршивме со документи за повеќе од 100 свештеници. Имавме писма од родителите, писма до и од свештениците. Црковните документи потврдија дека обвинетите свештеници постојано се селеле. И мислам дека имаше еден вид еволуција на културата, еден момент во историјата кога луѓето се подготвени да разговараат критички за религијата“, вели Полсон.

Со години, вели Полсон, црквата се однесувала исклучително заштитнички кон својата репутација. Во Масачусетс, имало неколку граѓански предмети против поединечни свештеници и архиепископијата. И во католичкиот Бостон, црквата со години успевала да осигура дека овие документи ќе останат тајна.

Гоуган убиен во затвор

На 23 август 2003 година, во притвор во казнено-поправниот центар Соуза-Барановски во Ширли, Масачусетс, Гоуган беше удавен и изгазен до смрт во својата ќелија од Џозеф Друс.

Првата сторија на „Бостон глоуб“

Првиот напис на „Бостон глоуб“ на оваа тема беше насловен „Црквата со години толерира свештенички педофилија“. Тој беше објавен на 6 јануари 2002 година, а приказната предизвика огромна сензација.

Најмалото злоупотребено дете имало четири години

Особено шокантен беше фактот дека најмалото злоупотребено дете имало само четири години. Сепак Гоуган не бил пријавен во полиција и постојано бил испраќан во нова парохија. Тој бил под директна заштита на кардиналот Бернард Лоу, кој на почетокот од 1984 година станал надбискуп на Бостон, а истата година дознава дека Гоуган малтретирал седум малолетни синови од едно католичко семејство. Наместо да го спречи тоа, Лоу го преместува Гоуган во местото Вестон. Кога и таму продолжил со напаствувањата, поминува два месеци во еден центар за терапија за лекување на педофили, нопотоа се враќа во Вестон, каде следните три години малтретира најмалку дваесетина момчиња.

Кој бил кардиналот Бернард Лоу?

Во католички Бостон, Лоу беше оценет како еден од највлијателните кардинали во САД. Тој е роден во 1931 година во Мексико, а неговиот татко бил полковник на американското воздухопловство. Дипломирал на Харвард, а потоа сакал да стане свештеник, па присуствувал на семинар во Лос Анџелес. Тој бил ракоположен во 1961 година во државата Мисисипи и брзо напредувал. Веќе во октомври 1973 година, папата Павле Шести го поставил за епископ во сиромашните делови на Мисури. Во јануари 1984 година, тој станува архиепископ на Бостон, а во 1985 година папата Јован Павле Втори го назначува за кардинал на САД.

Милионски суми за отштета

Американската католичка црква меѓу јуни 2013 и јуни 2014 година дала 150 милиони долари за обештетување на жртвите на сексуална злоупотреба и за за програми за борба против педофилијата. Дури 120 милиони се потрошени на обештетување, терапија за жртвите и на адвокатски трошоци, додека 30 милиони послужиле за превенција.
Американската црква по избивањето на скандалот со свештениците педофили во САД 2002 година, секоја година издава извештај за обвиненијата за злоупотреба.

Пишува: Владе Ѓорчев

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).