Виолинистот Ѓорѓи Димчевски во четврток во Домот на АРМ

Македонската филхармонија за 10 ноември во Домот на АРМ го најавува симфонискиот концерт „Enfant Terrible“ на кој ќе настапи македонскиот виолинист Ѓорѓи Димчевски.

Димчевски, концерт-мајстор на Оркестарот Валенсија кој концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија, ќе го изведе Концерт за виолина бр. 1 од рускиот композитор Сергеј Прокофјев.

Младиот Димчевски зад себе има многу награди и бројни настапи како солист во Европа и светот, а како концерт-мајстор редовно настапува заедно со Оркестарот на Валенсија изведувајќи плејада врвни дела под палката на славните диригенти Лорин Мазел, Зубин Мехта, Џорџ Претр, Валери Гергиев, Пласидо Доминго.

Диригент на концертот „Enfant Terrible“, кој започнува во 20 часот, ќе биде маестро Емил Табаков од Бугарија. Ќе бидат изведени и Симфонијата бр.1 „Класична“ од Прокофјев и Симфонијата бр. 39 од Моцарт.