Виолетов ден во Скопје за поддршка на лицата со епилепсија

Со три настани низ земјава ќе се одбележи 26 март, виолетовиот ден кој е Меѓународен ден, посветен на напорите за зголемување на свеста за епилепсијата во светот. Секоја година, луѓето се облекуваат во виолетово и на различни настани го одбележуваат овој ден. Годинава, Здружението ќе го одбележи овој ден под мотото „Различни, а сепак исти“ во 11 часот на градскиот плоштад во Прилеп, а во соработка со Лигата за борба против епилепсија на Македонија ќе го одбележи „Виолетов ден“ во 12 часот на плоштад „Македонија“ во Скопје, и во 17 часот во „Skopje City Mall“.

Настанот во „Skopje City Mall“ ќе биде одбележан со едукативно предавање за тоа што е епилепсија, за проблемите на луѓето со епилепсија, како и нивната дискриминација од општеството поради неедуцираност за поимот „епилепсија“, а свое обраќање ќе имаат и претставници на здружението „Епилепсија Македонија“. Настанот ќе биде поддржан од македонската естрада меѓу кои: Влатко Илиевски, Игор Митровиќ, Бени (Нон Стоп), No Problem, Џина Папас Џокси, Арчи, Бони и Оли, DJ Боби, Ring Road, Војче Китановски, Ранко Рангелов.