Виничките средношколци му се пожалија на Жбогар од еколошката состојба и лошото здравство

„Што би промениле доколку сте градоначалник на Виница?“, ги праша евроамбасадорот Самуел Жбогар учениците од Средното општинско училиште „Васил Прке“.

„Да биде почисто. Луѓето постојано го бараат ова, но станува само полошо“, беше еден од првите одговори кои ги доби.

„Постојано ни ги уништуваат корпите за отпадоци низ градот“, дополни друг ученик.

„Здравството ни е катастрофално. Луѓето се болни“, укажа средношколка.

Ова беа некои од најголемите проблеми кои виничките средношколци ги споделија со Жбогар при неговата посета на нивното училиште.

Дискусијата на средношколците и евромбасадорот, која се одржа во импровизираната училница во школскиот двор, започна со серија прашања за тоа зошто земјава требаше да го промени името во Северна Македонија и дали тоа ќе значи брз влез во Европската Унија, додека во следните серии учениците повеќе ги интересираше како процесот на пристап кон ЕУ ќе го менува македонското образование, но и за тоа како новите регулативи за авторски права ќе влијаат врз слободата на интернетот.

„Не можете да го вратите назад загубеното време. Но, доколку спорот околу името беше решен пред десет години, вие веќе ќе бевте влезени во Европската Унија, пред Хрватска. Сепак прашањето на промена на името не е единственото нешто што го гледаат земјите членки на ЕУ, туку се гледаат реформите. Токму затоа минатата година беа побарани реформи во правосудството, безбедносните служби и јавната администрација“, рече Жбогар пред учениците од Виница.

„Кој е најдобриот начин да го забрзате влезот во ЕУ? Најдобро е да слушате какви реформи ЕУ бара од вашата држава. Тоа не се реформи за нас, туку за добро на граѓаните овде, за вас. Ако бараме еколошки реформи, тоа е добро за вас и ќе значи почист воздух. Ако бараме построга безбедност на храната, тоа ќе значи дека ќе бидете многу посигурни дека она што го јадете е сигурно, дека нема пестициди и чудни состојки во храната. Целиот процес на пристап во ЕУ е земјата да се подобрува. Вашиот директор ми кажа дека пред 12 години во Виница имало 1.200 деца, а денес само 480. Тоа е страшно, тажно и депресивно. Луѓето заминуваат бидејќи не се среќни овде и сакаат нормален живот. Сметам дека преговорите кои би се отвориле во јуни, ќе ви помогнат во нормализирање на животот овде“, рече евроамбасадорот.

Младите виничани му се пожалија на Жбогар и за ниските плати, високата невработеност но и сеприсутната корупција во Северна Македонија.

Вакви дискусии се предвидени со средношколци од повеќе македонски градови, на кои младите ќе ги споделуваат своите ставови и прашања и ќе добијат повеќе информации за начинот на кој функционира ЕУ.

Настанот беше организиран во склоп на Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

Даниел Евросимоски