Викенд на гордоста во Скопје од 2 до 8 септември

Осмиот по ред Викенд на гордоста во Скопје ќе се одржува во периодот од 2 до 8 септември, во Музејот на современа уметност, Кoмитет и кафе барот „Шортбас“.

Станува збор за фестивал за квир култура, уметност и теорија чијашто цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување.

Основната кураторска тема на овогодишното издание на фестивалот е „Суров оптимизам“, со што му се оддава почит на делото на Лорен Берлан за суров оптимизам (2011).

„Суровиот оптимизам ги означува приврзаностите и афектниот влог во објекти, места, идеали, норми, институции, светови и форми на живот како грст ветувања и извори на истрајност, кои наместо да ги прават подостижни ветените нешта и фантазијата за добар живот, напротив, го трошат и подриваат нашиот индивидуален и колективен процут и добросостојба“, стои во најавата за фестивалот.

Викендот на гордоста Скопје ќе биде отворен со групна изложба „Скршено“ на 2 септември во МСУ, а во неа ќе учествуваат повеќе уметници, меѓу кои и Феликс Гонзалез-Торес, уметник чиешто дело ја испиша и измести светската историја на уметноста во 80-тите и 90-ти години, како и меѓународно реномираните уметници Полин Бодри и Ренате Лоренц, Карин Мичалски, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, и Хермес Питакос и Федерика Даури.

Во рамки на целокупната програма публиката ќе може да проследи перформанси од Кијун Томас и танц триото STEAM ROOM, самостојна изложба на Јован Јосифовски, промоција на најновиот роман на Петар Андоновски, онлајн дрег шоу и Диџеј сетови. Онлајн предавање ќе одржи Лорен Берлан, една од најзначајните современи критички теоретичарки во светски рамки.

Фестивалот е во организација на Коалицијата Маргини и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира со поддршка на  Фондацијата отворено општество Македонија, Европската унија во рамки на меѓународниот проект Времето е сега, и ИЛГА-Европа.