Виена го престигна Мелбурн како најдобар град за живот во светот

Виена, главниот град на Австрија, за прв пат се најде на врвот на листата на најдобри градови за живот според индексот кој го изработува британскиот Економист, престигнувајќи го австралискиот Мелбрун кој во последните седум изданија на индексот беше на првото место.

Двата града со години биле прилично изедначени во годишните истражување на 140 светски метрополи но оваа година намалената опасност од милитантни напади во западна Европа и намалениот криминалитет ја искачи Виена на првото место.

Јапонскиот град Осака, Калгари од Канада и Сиднеј од Австралија се веднаш зад нив на првите пет позиции како најдобри градови за живот.

На другата страна на листата, главниот град на Сирија, Дамаск се наоѓа на последното место, следен од Дака во Бангладеш и Лагос во Нигерија. Истражувањето сепак не вклучува неколку од најопасните градови во светот, како Багдат и Кабул.

Извор: The Global Liveability Index 2018

„Иако последниве неколку години градовите во Европа се зафатени од перцепција на закани од тероризам која се ширеше и поради што беа засилени безбедносните мерки, изминатава година работите се нормализираа“, изјавиле од Економист.

Виена и Мелбурн освоиле максимален број поени во поглед на здравствената грижа, образованието и инфраструктурата, но додека Мелбурн има повеќе поени во областите култура и животна средина, тоа сепак не било доволно поради подобрениот рејтинг за стабилност на Виена.

Од одделот на Економист кои го изработуваат индексот велат дека истражувањето ги фаворизира градовите со средна големина во богатите земји, кои најчесто имаат мала густина на населеност. Поголемите и понаселените градови често имаат поголемо ниво на криминалитет и збиената инфраструктура.

Покрај Виена, во првите 10 најдобри градови за живот има само уште еден од Европа – Копенгаген од Данска, кој се наоѓа на 9-тото место.

Главниот град на Брегот на Слоновата Коска, Абиџан, е прогласен за град кој има најголем напредок, заедно со Ханои од Виетнам и Белград од Србија. Украински Киев, Сан Хуан од Порторико и Дамаск се трите градови кои имаат најголем пад во условите за живот според индексот.