[Видео]„Quarantine“, краток анимиран филм од македонско-австралиска продукција

„Пригушувањето на надворешниот шум поради изолацијата ни дава доволно тишина за да почнеме да го слушаме нашиот внатрешен глас. Здраво, мило ми е што те запознав“, е описот на „Quarantine“, краткометражен анимиран филм изработен и продуциран од македонско-австралиското студио за анимација „3-Block Studio“.

Изработен во рок од десет дена, комплетно од карантин, зад филмот стои петчлена екипа. „Quarantine“ ја обработува приказната на Јакоб Ниланд, Михаил Наумов, Бубо Саздовски и Иван Андреевски, кој исто така е режисер и потписник на сценариото. Арт дирекцијата и дизајнот се на Наумов и Саздовски, кој е одговорен и за моделирање, материјали и осветлување. Монтажата, анимацијата и карактер дизајнот се на Наумов, а Андреевски стои зад звучниот дизајнот. Музиката е на Владимир Петковиќ, надворешен соработник на „3-Block“.

„Иако сме навикнати на работа надвор од канцеларија, целата ситуација малку ни ги изремети студиските ангажмани, но за среќа, денес сè што е потребно за ваков начин на работа е компјутер, интернет, добра екипа и малку креативност. Сепак, како и кај повеќето, така и нас, ни се појавија неочекувани промени во ритамот, па ни се отвори простор за експериментирање на наши проекти и оттаму се роди идејата за приказната“, истакна Михаил Наумов, дел од екипата на „3-Block Studio“ за Радио МОФ.

Преку традиционална техника на анимација, „Quarantine“ прикажува справување со застојот на секојдневието.

„Од креативна страна пробавме да доловиме како секој од нас би се справил со ваков застој на секојдневиот ритам во кој живееме, а од техничка страна пробавме да претставиме традиционална техника на анимирање, како „Stop Motion“, (која се работи практично, со физички кукли и фотоапарти), преку дигиталните алатки и 3D анимацијата. Беа користени доста стандардни софтвери за ваков вид на работа. Главно „Autodesk Maya“ и „Adobe After Effects“, како и неколку попратни софтвери“, објаснуваат од студиото.

Продукцијата „3-Block studiо“ работи за aвстралискиот и балканскиот пазар и е најактивна во полето на 3D и 2D анимацијата, изработка на визуелни ефекти, како и осмислување и создавање анимирани ликови – карактер анимација.

Ивана Смилевска