[Видео+Галерија] Шесто издание на „Аргумент“

Пред бројна публика и со подготвени говорници,  синоќа во кино Фросина, во МКЦ се одржа шестото издание на  јавниот дебатен настан „Аргумент“ на тезата „Овој дом би си заминал од Македонија засекогаш“.

Говорниците од двата тима пред присутните ги спротивставија своите аргументи околу идејата дали треба да се замине, или да се остане во Македонија.

Тезата дека е подобро да се замине од Македонија ја бранеа Петар Гошев, Неда Коруновска и Висар Вишка, додека во противничкиот тим беа Мендерес Кучи, Мирјана Најчевска и Да Џака Накот.

Дебатата ја отвори Петар Гошев, поранешен гувернер на Народна Банка, кој истакна дека граѓаните се иселуваат главно поради неправдата, нееднаквоста и сиромаштија.

„Ваквата состојба ни еден човек не ја поднесува. Затоа чекаат извесно време и ако не ја променат, тие си го бараат идентитетот на друго место“, посочи Гошев.

Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија пак се спротивстави со тврдењето дека ништо нема да се поправи ако само се констатира проблемот, наместо да се преземат мерки за негово решавање.

Неда Коруновска од Реактор посочи луѓето од земјава заминуваат не само од економските причини, туку  и поради недоволното непочитување на човековите права и правото на изразување, нечистата средина, но и  образованието. Професорката и активиска за човекови права, пак истакна дека луѓето овде мора да се изборат сами и да направат од земјава поубаво место за живеење.

„Моите предци за нешто се бореле, гинеле и сакале да создадат држава во која јас ќе живеам поубаво. Како можам да го негирам тоа и да си заминам?“, запраша таа.

Присутните на дебата можеа да ги случнат и личните приказни на актерот Висар Вишка и раперот Да Џака Накот, низ кои секој со своите аргументи ја бранеше својата за теза за заминување, односно за останување во Македонија.

Одговарајќи на прашања од публиката, шесте говорници им дадоа и целосна поддршка на студентите од Студентскиот пленум во нивната борба за подобро образование.

Радио МОФ за време на „Аргумент“ вршеше директен видео пренос од се што се случуваше синоќа во салата на киното Фросина. Погледнете го видеото во продолжение, како и фотографиите од настанот преку галеријата на Радио МОФ.