[Видео] Во експлозија на бомба разнесено седиштето на телевизија во Атина

Во експлозија утрово биле разнесени канцелариите на телевизијата Скаи ТВ од Атина. Засега не се пријавени повредени лица, додека телевизијата пренесува дека експлозијата нанела голема материјална штета.

Два други медиуми, АНТ1 и Зоугла.гр, информираа дека во 1:45 часот примиле анонимен телефонски повик со предупредување дека ќе се случи експлозија во седиштето на Скаи ТВ во следните 45 минути.

„Непознатото лице даде рок од 45 минути и три пати повтори дека не се работи за шега“, изјавиле од Зоугла.гр.

Полицијата пристигнала на местото на настанот и ја евакуирале локацијата пред да се случи експлозијата. Видео, кое го покажува моментот на експлозијата, е објавено на Јутјуб од Зоугла.гр.

Засега никој не презел одговорност за нападот, сепак, полицијата е во потрага по неколку лица кои биле забележани како поставуваат ранци полни со експлозив во близина на зградата на Скаи ТВ.

Грчкиот европратеник Гиргос Куртсос експлозијата ја нарече „бомба против демократијата“.

„Бомбата врз Скаи е бомба против информациите и демократијата. На почетокот на важниот предизборен период, некои луѓе сакаат да растурат сè. Нашиот одговор е демократско единство. Сите ние сме Скаи“, напишал Куртсос на Твитер.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.