[Видео] Робот ги потсетува луѓето да носат заштитна маска

Инженерите направија робот кој во продавница може да регистрира дали луѓето носат маски против коронавирусот и, доколку тоа не е случај, љубезно ги потсетува да ја стават на лицето.

Ова е новата карактеристика на 120 сантиметри високиот хуманоиден робот „Пепер“, кој од претходно се употребува во некои земји, каде ги поздравува посетителите на продавници, изложби и други јавни места.

Камерата вградена во роботот го скенира лицето на луѓето кои му се приближуваат. Доколку детектира дека долната половина на нивното лице не е покриена, роботот ги потсетува дека би требало да носат заштитна маска, пренесува Ројтерс.

„Секогаш треба правилно да ја носите маската“, им порачува „Пепер“. Откако луѓето ќе ја стават маската тој љубезно им се заблагодарува со „Ви благодарам што ја ставивте вашата маска“.

Од компанијата „Софт Бенк Роботикс“, која стои зад „Пепер“, тврдат дека нивната идеја била да направат пријателски настроен робот.