[ВИДЕО] “Проститутката” Мила им се обрати на пратениците

„Се викам Мила- Сексуална работничка или народски кажано “проститутка” со фини облини, кежуал стил на облекување (иако знам дека ме замислувате во тесен црвен минич и 13-ка црвен лак потпетица). Навидум и не сум толку кротка и мила. Општественото живеење полно со жигосувања, тепања, клевети, закани и уцени, ме направи да бидам остра, најчесто само критична не само кон своето облекување, туку кон целото свое општествено однесување“.

[ВИДЕО]"Проститутката" Мила им се обрати на пратениците

Ја пронајдовме Мила, штотуку вратена од Виена. Сега работи во Скопје, во високите кругови. Нема макроа, има клиенти и добро заработува. Сепак, живее во страв да не биде откриена, бидејќи, како што вели, македонското општество не ги прифаќа сексуалните работнички, туку само ги користи нивните услуги!

Во своето отворено писмо Мила им се обрати на пратениците кои побараа легализирање на проституцијата во земјава. Меѓу нив и Есад Рахиќ, кој нотира дека од пред десетина години, кога заедно со својот колега Иван Анастасовски пред пратениците проговорија за потребата од ваков закон, нештата се сменети-само на полошо!

Сексуалните работнички немаат никакви права во ова општество, велат од невладината СТАР-СТАР. Од полицијата се плашат бидејќи се исмевани, па насилството го пријавуваат и помош бараат токму во граѓанските зруженија. Само во текот на минатата година, на отворената линија во оваа организација се јавиле 208 работнички, 62 побарале здравствена заштита, 22 биле жртви на насилство.

И Мила бара ова, како што вели, општество на испревртени стандарди да го признае постоењето на „Дамите на ноќта“. Уморна е од бесплатното пенетрирање на полицијата, од сензационализмот и спектакуларните апсења на кејот на Вардар, од искористувањето на девојките за дневно политички цели. Затоа и тогаш кога е жртва, одбира да молчи.

Земјите од Европската Унија одама го признаа постоењето на сексуалните работнички-тие се заштитени, државата заработува. Ова занимање се најде во регистрите за вработување и кај нашите соседи од „закоравениот“ Балкан. Во Македонија пак полесно е да се молчи. Сите знаат каде може да се добие секс за пари, ама проституцијата останува табу тема и дело што се казнува со закон. До кога?-прашува Мила.

Јасмина Јакимова