Видео проект од Зоран Попоски на фестивал во Словенија

Видео проект на македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски ќе бидe прикажан на тринаесеттото издание на меѓународниот уметнички фестивал „Артстејс“ во Птуј, Словенија.

Фестивалот ќе се одржи од 10 до 18 јули и во својата богата програма вклучува над 100 уметници од повеќе од 20 земји.

Попоски на 12 јули ќе се претстави на фестивалот со видео делото „Градот сам” (2014) кое покренува низа прашања од областа на просторната онтологија и постхуманата естетика. Видеото е дел од меѓународниот видео проект „Превод(и) 2: Преведување на градот“, кураторски проект на Зоран Попоски и Лоренс Вуд (Велика Британија), во кое учествуваат десет уметници од САД, Британија, Австрија, Австралија, Германија и Венецуела.

Својата премиера проектот ја имаше во јуни годинава во галеријата Видеотаж во Хонг Конг, а по учеството на фестивалот во Словенија ќе биде претставено во Порторико.

Попоски  (1974 година, Скопје) магистрирал уметност во нови медиуми, а докторирал студии на културата. Има реализирано повеќе од 60 меѓународни изложби. Негови јавни уметнички проекти се презентирани на ЛЕД екрани, постери и билборди во Њујорк, Скопје, Даблин, Хонг Конг, итн.

Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.