[Видео] Притисоци врз ученици, Хелсиншки реагира за црната кампања

Средношколскиот пленум објави видео материјал како доказ за притисоците врз средношколците пред вчерашниот марш против образовните реформи.

„Потсетуваме, ние како средношколци имаме право, а пред се и обврска да се бориме против лошите, наметнати реформи и за подобро образование“, велат од Пленумот.

Во прилог, погледнете го видеото каде се слуша како некој се обраќа со зборовите „Дете да не искочи, слушаш? Никој да не искочи“.

Утрово пак, пред скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ и средното ГУЦ Здравко Цветковски“ осамнале натписи со спреј кои велат: „Средношколци = 1000 денари“, и „Има пари, има мир“.

Во текот на вчерашниот ден до Хелсиншкиот комитет биле доставени пријави со наводи за закани врз средношколците кои учествуваа на вчерашниот протестен марш против лошите реформи во образованието. Наводите биле доставени од средношколци, но и родители. Особено загрижувачки се наводите за затворање на учениците во училиштата од страна на службени лица, преку затворање на училниците и вратите од средните училишта, велат од Хелсиншки.

„Хелсиншкиот комитет потсетува дека ваквите притисоци врз средношколците се спротивни на Уставот на Република Македонија, но и на сите меѓународни стандарди за заштита на правото на слободно здружување, изразување и мирен протест. Впрочем, Уставот на РМ го гарантира правото на граѓаните, вклучително и децата мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба“, стои во соопштението на Комитетот.

„Особено загрижува и фактот што одредени медиуми известија дека средношколците добивале паричен надомест за учество на протестот, поради што денеска осамнаа графити пред две средни училишта со ваква содржина. Со ова се повредува честа и угледот на децата кои сакаат да го изразат незадовоството од образовните реформи.

Поради тоа што со дејствијата на службените лица во училиштата на одредени средни училишта се врши директно лишување од слобода и смеќавање на правото на јавен собир, а од одредени медиуми се повредува честа и угледот на децата, но и на Средношколскиот пленум, сакаме да истакнеме дека Хелсиншкиот комитет го задржува правото да обезбеди правна помош на сите лица на кои ќе им бидат повредени и ограничени правата поради учеството во средношколските протести и кои сакаат да иницираат  соодветни постапки за заштита на своите права“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.