[Видео] Полицијата приведе момче што шетало куче пред дозволениот термин

Во полициска акција во Кисела Вода, во непосредна близина на „Шампионче“, неколкумина полицијаци приведуваат момче што шета куче. Акцијата беше забележана во вирално видео, снимено од објект во непосредна близина на настанот, каде се појаснува дека момчето е приведено денеска, петнаесетина минути пред дозволениот термин за шетање миленици, воведен поради полицискиот час кој владее во земјава.

„8 полицајци+2 коли+марица vs момче со кутре, исходот?“, е коментарот со кој е споделено видеото, а под кое има силни критики за непропорционалноста на акцијата, но и неносењето заштитна опрема од страна на полициските службеници.

Од МВР велат дека се запознаени со случајот, а преку социјалните мрежи се огласи министерот Наќе Чулев.

„Во текот на денешниот ден на социјалната мрежа “Facebook” се споделува видео на кое се забележуваат неколку полициски службеници кои преземаат мерки за лишување од слобода на лице кое е затекнато надвор од својот дом со својот миленик за време на ограничувањето на движењето на граѓаните. Во таа насока би сакал да ја информирам јавноста дека од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди конкретниот случај е евидентиран и се преземаат мерки за утврдување на законитоста на постапувањето на полициските службеници, a за исходот од проверките во текот на утрешниот ден дополнително ќе биде известена јавноста“, пишува Чулев.

Како што дознава Радио МОФ, се работи за 24 годишно момче кое живее во зградите во непосредна близина на местото каде што е приведено. Полицијата го забележала на улица, додека момчето шетало куче, дваесетина минути пред дозволениот термин во 15 часот.

Реакција за настанот стигна и од Здружението за заптита на животните, Анима мунди.

„Во време кога луѓе по улици протестираат или ора играат а поминуваат неказнето, вака ли изгледа професионалноста на нашата полиција и сразмерна примена на мерки согласно полициските ингеренции во време на вонредна состојба? Цела полициска станица без икакви мерки на заштита во време на пандемија (со што директно го загрозуваат) приведува момче кое излегло да го прошета кучето – ние во ова гледаме демонстрирање на сила и изживување врз тинејџер и неговиот миленик за што бараме итно, итно идентификување на службените лица и нивно казнување!“, велат од здружението.

Инаку, изминатите три дена на цела територија на државата е прогласен полициски час за да се спречи ширењето на новиот коронавирус. Притоа е забрането секое излегување од дома, освен во ретки случаи.  За лицатата кои имаат домашни миленици е дозволено излегување три пати на ден, по 30 минути, во 8, 15 и 20 часот.

Ј.Ј.