[Видео] Пластичен отпад, наместо риби – аквариумот од иднината

Како би изгледало кога во аквариумите во иднина наместо риби, би имало само отпад? Ова прашање, кое иако изгледа невозможно, со се поголемата количина на отпад што се создава и фрла во светот, станува реалност. Токму оваа слика, еколошката организација „Гринпис“ сака да ја претстави во најновото видео насловено „Океанот од иднината“.

Во него е претставена група деца кои посетуваат аквариум. Видливо возбудени да ги видат животните како пингвини, видри, октопуси и сомови, децата се разочаруваат кога единствено што гледаат се пластични кеси што лебдат, шишиња и амбалажи.

Со ова, организацијата сака да упати порака за тоа што го очекува човештвото доколку не преземе акција за да ја намали количината на произведените неодржливи пакувања.

Видеото доаѓа по петицијата што ја покрена „Гринпис“, со која ги повикуваат супермаркетите да го намалат својот придонес за пластичниот отпад.

Филмовите ќе бидат споделени онлајн на Јутјуб, Фејсбук и Инстаграм, како и во кината.