[Видео] Мултиетничкиот синдикат за обрaзование исфрлен од зградата на ССМ

Денеска напладне, Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО) беше принуден да се исели од зградата на ССМ, откако, пред неколку денови на претседателката Сузана Стефановиќ и било соопштено дека МЕСО е исклучен од Сојузот на синдикати на Македонија, објави А1он.

„МЕСО е казнет бидејќи секогаш кога Владата ќе излезе со некое кратење на работничките права ние не излегуваме како него – да го пофалиме тоа. Помеѓу вработените во образованието очигледно постои незадоволство и подготвеност на борба. Синдикалните бирократи и на ССМ и на СОНК се трудат во корен да го исечат обидот на вработените во образованието да се изборат за своите права“, изјави Здравко Савевски, генерален секретар на МЕСО.

Од МЕСО реагираат дека иако гранските синдикати кои се членки на ССМ имаат рок на приговор од еден месец по донесувањето на одлука за исклучување,биле известени во рок од три дена да ги напуштат своите простории во зградата на ССМ или присилно ќе бидат иселени.

Исклучувањето на МЕСО од страна на раководството на ССМ, со образложение дека МЕСО го крши Статутот и Одлуките на соодветните тела и органи во рамки на ССМ претходно го осуди „Ленка“.

„Без да ја достави одлуката за исклучување до МЕСО, наложено е иселување на МЕСО од ССМ во рок од три дена. Во овој случај, не се почитуваше правото на приговор што секој синдикат член на ССМ го има согласно Статутот на ССМ. Ова доволно говори за фактот дека самоволието на Живко Митревски е побитно од синдикалната борба и дека најголемата конфедерација одамна е окупирана од бирократи кои најмногу мислат на сопствената фотелја“, стои во соопштението на Ленка.