[Видео] Македонија го одбележа „Часот на планетата Земја“ – мракот предупреди на ефектите од климатските промени

Синоќа во 20:30 часот, по локално време, светилките во Скопје и Охрид се исклучија во знак на глобалната акција „Час на планетата земја“.

Со ова, Македонија и годинава се вклучи во најголемата еколошка акција во светот, во која годишно учествуваат над 170 држави и 7000 градови.

Снимка од дрон од затемнувањето на центарот на Скопје

Сепак, не сите институции и приватни фирми решија да се вклучат во акцијата што траеше еден час, а која има за цел да ја подигне свеста кај граѓаните за ефектите од климатските промени.

Ѓорги Селков е организатор на акцијата во Македонија веќе шест години. Тој започнал кога имал 16 години, а како што изјави за Радио МОФ, бил инспириран од рекламата за акцијата.

„Свесни сме од ефектот на климатските промени коишто ги чувствуваме дури и кај нас во Македонија, имавме екстремно топло лето, поларна зима со минусни температури, големи поплави, и тоа се само дел од пораките кои планетата Земја ни ги испраќа, дека нешто не е во ред, дека треба да се вклучиме во акција –  сега и веднаш“, изјави Селков.

Граѓаните, пак, оние што застанаа пред нашата камера, велат дека не биле запознаени зошто беа исклучени светилките, иако слушнале за акцијата.

Инаку, ова одбележување првично започнало во Сиднеј, во 2007 година. Годинава, мотото е „Заблескај светлина на климатските промени“, а Македонија се вклучи со два града – Скопје и Охрид.

Атмосферата за време на акцијата во центарот на Скопје, може да ја погледнете во видеото што го подготвивме.

Овде погледнете го и официјалното видео „Македонија во мрак“ од македонските организатори на акцијата.

Е.П.