[Видео] „Љубох“ – прва награда за аматерско видео на ЕХО 2014

Краткиот филм „Љубох“ ја доби наградата за најдобро аматерско видео на петтото издание на ЕХО – фестивал на планински филм каде што беше одбран од тричлена жири комисија составена од Влатко Галевски, Борјан Зафировски и Игор Анѓелков.

Видеото ја прикажува приказната за ревитализирањето на првата македонска и една од најтешките балкански трансверзали, Љуботен-Охрид.  Автор е Игор Јовановски.

-Коренот на љубох доаѓа од зборот љубов, каде што како суфикс му се додава извикот „ох“ за да се назначи благата компонента на мака. Во основа, зборот означува чувство на љубов/задоволство/топлина на душата или како сакате, на која што и претходела извесна доза на мака, односно сме се помачиле/доживеале извесна болка за на крајот да го освоиме тоа драгоцено чувство.

Љубохта се крие зад страданието на секоја пасија.

Во нејзина паралела,претставува и кованица од Љуботен и Охрид, почетната и крајната точка на првата македонска и една од најтешките балкански планинарски трансверзали, западната македонска трансверзала, а воедно и инспирацијата и причината за формирање на љубох како збор и чувство, објаснува авторот.