[Видео] Коњ на отворањето на дискотека на Ибица предизвика негативни реакции

Снимка од отворањето на прославената дискотека „Pacha“ на шпанскиот остров Ибица од 28 мај, која деновиве се врти по социјалните мрежи, на која се гледа како за време на журката, во дискотеката е донесен коњ, предизвика жестоки негативни реакции од љубителите на животните.

Како дел од темата на првата журка за оваа сезона, инспирирана од Дивиот Запад, во Pacha бил донесен коњ, кој поголем дел од времето бил изложен на екстремна бучава за време на журката, организирана од издавачката куќа на David Guetta, F**k Me I’m Famous, на која главна ѕвезда бил токму францускиот диџеј.

Според коментаторите на социјалните мрежи, иако денс сцената познава екстремни случаи на чудни и екстравагантни маркетиншки потези, ова е досега невидена демонстрација на суровост и измачување животни.

[Видео] Коњ на отворањето на „Pacha“ на Ибица предизвика негативни реакции

„Неверојатно и одвратно… сите што учествувале во ова треба да се засрамат“, „Ова е очајно, нема апсолутно никаква причина да се прави ова“, „Токму ваквите работи се показател за тоа што се случува на Ибица овие денови… музиката е толку лоша, што на луѓето им се продаваат вакви маркетиншки трикови, во кои се измачуваат животни“, „Коњот би бил подобар зад миксетата отколку David Guetta“, „Како жител на Тексас, држава во која коњите се практично членови на семејстово, не можам да замислам пострашна глетка од ова…“ ова се само дел од лавината негативни коментари кои се појавија на Фејсбук и Твитер.

Дивиот Запад е тема на сите годинешни забави на Guetta во прочуената дискотека, кои се одржуваат секој четврток цела летна сезона. Неколку здруженија за заштита на животните веќе побарале да престане искористувањето на коњите на овие журки, но од продукциската куќа засега нема позитивен одговор.