Видеоигра користи податоци од играчите кои ќе помогнат во истражување за Алцхајмерова болест

Нова игра за мобилни телефони цели да ја засили битката против Алцхајмерот со помош на илјадници играчи од сите страни на светот.

Sea Hero Quest, сложувалка која ги води играчите преку лавиринти од острови и санти мраз, е произведена од Deutsche Telekom во соработка со научници од Универзитетот на Лондон, Универзитетот на Источна Англија и Институтот за истражување на Алцхајмер на Велика Британија.

Нејзина цел е да создаде масовна архива на податоци снабдена од јавоста, која укажува на свесноста и способноста за навигација на луѓето, кои се први знаци на деменција.

Како што играчите напредуваат низ играта, движејќи се низ лавиринти, нивната игра се „преведува“ во податоци, кои се сместуваат анонимно во центар за податоци во Минхен.

Оттаму, научниците ќе се обидат да сфатат како луѓето ја решаваат играта на различна возраст, со различен пол или во различни делови на светот, пренесува Mashable.

Креаторите на играта велат дека ако една личност ја игра играта две минути, тоа е еднакво на околу пет часа традиционално истражување.

Хилари Еванс, извршен директор на Институтот за истражување на Алцхајмер на Велика Британија, вели дека размерот на експериментот е без преседан.

„Досега, овој вид на истражувања бараше години за координација, и во најдобар случај ни даваше мал поглед за тоа како мал број на волонтери се однесуваат“, вели таа.

Само во Велика Британија живеат 850000 луѓе со деменција, а тој број се очекува да се зголеми на два милиони до 2050 година, велат од институтот.

Sea Hero Quest е достапна на Google Play и на App Store.