Изгорено бело платно, испишано со имиња на загинати граѓани, а во средината празен облик на човек и над него натпис „Кој е следен“.
Иницијативата Кој е следен? денеска направи герила акција на еден од скопските пешачки мостови на Вардар, кој гледа накај објектот на Основното јавно обвинителство, со цел да потсети дека се изминати точно два месеци од трагедијата во импровизираната дискотека во Кочани.
„Денес сме тука да потсетиме дека поминаа два месеци од најголемата трагедија во нашата историјата. Најголемата трагедија која се случи пред наши очи. Денес го потсетуваме Основното јавно обвинителство, го потсетуваме системот, ја потсетуваме јавноста дека зад бројките стојат човечки животи, а зад секој живот празно столче на трпезата, недокажана приказна, невозвратена прегратка и болка на која нема крај“, соопштија од иницијативата.
View this post on Instagram
Од таму рекоа дека во овие два месеци хуманоста исчезна, политичарите се впуштија во препукувања, пратениците си земаа одмор, а медиуми на системот направија се’ за да ги демонизираат оние кои бараат правда.
„Семејствата на загинатите и повредените беа оставени сами во прегратките на тишината, во прегратките на заборавот. Системот секојдневно не’ повикуваше да не зборуваме, да не бараме правда, да не реагираме и да не протестираме. Ни порача: не го вознемирувајте спокојот на семејствата, но тие никогаш не се грижеа за семејствата, туку загрижени за нивниот спокој, за нивниот партиско-политички спокој и сакаа да ја прифатиме амнезијата како нова национална доблест. Но, ние сме тука, да не дозволиме амнезијата да стане наша доблест. Се’ уште се сеќаваме, се бориме и го креваме гласот за сите оние кои не можат“, потенцираа од Кој е следен?.
Активистите велат дека нема да се помират со ова ужасно секојдневие.
„Продолжуваме со отпор против систем кој не’ убива секојдневно, а бара од нас да се повлечеме во сенките на заборавот. Хуманоста е нашето последно прибежиште, кој системот се обиде да го извитопери. Се обиде да го присвои и се обиде да не’ убеди дека тој се менува и конечно се грижи за своите граѓани. Системот не е хуман. Хуманоста не е нивна. Херојството не е нивно. Тој е на граѓаните, а граѓанскиот глас е глас на сите“, нагласува иницијативата.
Денес, велат од таму, во нивно име зборува Кој е следен?, утре можеби ќе биде друга иницијатива.
„Но, тоа што е важно е пораката, а не од кого доаѓа, луѓе! Ова платно што денеска го оставаме тука не е обична герила. Ова платно е сликата на системот. Сликата на неправдата. Сликата на децениската институционална негрижа. Но, денес токму ова платно нека биде наша инспирација. Да не дозволиме ова да и се случи на ниту една следна генерација. Да не дозволивме болката да стане навика. Да не дозволиме уште еднаш лелекот на мајките да биде гласот на промените“, апелираа од иницијавита.
Затоа, посочуваат од таму, Кој е следен? нема да молчи и нема да заборави, се’ додека правдата не стане наша реалност, а не само далечна и замислена утопија.
„Дополнително, утре ги повикуваме сите граѓани да ја покажат својата солидарност и да се приклучат на ‘Маршот на ангелите’ во 16:05 часот во Кочани. Доколку некој нема превоз, може да ја пополни анкетата на нашите профики и ќе се обидеме да обезбедиме превоз за секој што има интерес да дојде“, посочи претставничката на иницијативата, Бјанка Калајџиска, која пред новинарите нагласи дека целите сили ќе им бидат насочени за да се поддржат родителите.
„Не смееме да дозволиме да бидат сами на улиците“, нагласи таа.
Текст, фото и видео: Бојан Шашевски