[Видео + фото] „Добредојдовте во Гасодром“ – нов протест против загадувањето од Вардариште

Автомобилите што поминуваа од Гази Баба накај Аеродром денеска попладнето повторно наидоа на блокада на раскрсницата на „АСНОМ“ и „Србија“, каде граѓаните со транспаренти порачаа „Добредојдовре во Гасодром“, додека на самата улица на бандерите испишаа натписи „Секој ден блокада 18:00 часот“ и „Аеродром зелено гето“.

Протестите траат веќе неколку денови. Граѓаните бараат решение за долгогодишното загадување и труење што доаѓа од Вардариште, некогашната депонија која претставува црна точка и еколошка бомба не само за локалците, туку и воопшто за цело Скопје.

Во последните денови, проблемот повторно го актуелизираа пожари. Мерка притвор им беше изречена на три лица осомничени за загрозување на животната средина и природата со отпад на Вардариште. Сите тројца вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади на локацијата.

Но локалните граѓани, како и еко-организацијата „О2 Иницијатива“, бараат системски и долгорочни решенија.

„Вардариште не може да чека! Доста е со молк, одлагања и префрлање на одговорност! Вардариште не е тема за кампања – тоа е закана за нашето здравје и иднината на Скопје. Сакаме решенија, а не задкулисни игри!“, реагираа од „О2 Иницијатива“.

Нивните барања, по приоритет, се: итна изработка и активирање на проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште, за што е потребно итна изработка и носење на два ДУПа од Општина Гази Баба.

Додека проектите не се готови, еко-активистите бараат запечатување, оградување, осветлување, 24-часовна чуварска служба и видео надзор – во најбрз можен рок. Исто така, транспарентно известување за секој чекор, со прецизни рокови и конкретни активности за санација и ревитализација.

„О2 Иницијатива“ со апел до кандидатите за градоначалници: Вардариште не може да чека

Радио МОФ на неколку пати пишуваше, но и ја анализираше Физибилити студијата за Вардариште, каде уште од 2014 година е утврдено дека бившата депонија е „богата“ со тешки метали, односно се работи за историски загадена и контаминирана средина, па е потребна нејзина итна санација.

Студија во 2014 покажа дека Вардариште има тешки метали и запаливи гасови, но депонијата уште чека санација

Текст, фото и видео: Бојан Шашевски