[Видео] ЕБР пред СПУКМ, студентите чекаат да се исполни нивниот ултиматум

Припадници на Единицата за брзо распоредување се поредија пред седиштетот на Студентскиот парламент при УКИМ, каде со часови членови на Студентскиот пленум го блокираат влезот, со цел да дознаат што се случи со насилно грабнатите гласачки кутии од Правниот факултет.

Поддршка на студентите изразија и неформалните движења Протестирам и Шарена револуција, кои ги повикаа граѓаните да им се приклучат пред СПУКМ.

Пленумци, претходно, преку телефон му поставија ултиматум на актуелниот претседател на СПУКМ Кирил Спировски да ги поништи изборите во спротивно најавија дека немаат намера да ја напуштат зградата. Тие поставија и платно во дворот на кое пишува „Поништи ги изборите“.

Денешните избори за нов претседател на СПУКМ се одвиваа претежно мирно, со повремени расправии помеѓу претставници на Студентскиот пленум и Парламентот. Тензијата настана кога гласачките места мораа да се затворат, па на Правниот факултет се појави група на луѓе, за кои Пленумот смета дека не се студенти, и насилно ги одзедоа кутиите, носејќи ги во канцелариите на СПУКМ. Во видеото, кое стигна до редакцијата на Радио МОФ, е прикажано како членови на СПУКМ со трчање носат дел од кутиите во Здравствениот дом, кој е во склоп на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.

Студентскиот пленум повика и полиција поради насилство и рушење на јавен ред и мир, која по неколку минути разговор со претставници на СПУКМ, без присуство на медиуми, излезе и кусо одговори дека нема надлежност да се меша во случајот.

Пленумци забележаа бројни недоследности на денешните избори, од недостиг на параван за анонимно гласање, печат на кој пишува 2015 и немање сериски броеви на изборните ливчиња. Гласањето се одвиваше на сите 24 факултети, а заврши во 16 часот.

Студентите можеа да изберат помеѓу Стефан Василевски, кој ја има поддршката од шест матични студентски парламенти и Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНKИ), зад кого застанаа седум матични студентски парламенти.