Исчезнува алтернативната сцена во Валандово, единствениот авторски бенд сними албум во пекара

Во Валандово денес има сè помалку млади, а алтернативната сцена е речиси непостоечка. Во градот има само една рок група составена од неколкумина млади ентузијасти, но не создаваат своја музика. Еден од нив е студентот Бојан Костадинов, гитарист и пејач, кој вели дека од година во година алтернативната сцена во Валандово е во големо опаѓање.

„Има сè помал број на групи кои се трудат да бидат забележани, а гостувањето на алтернативни бендови во Валандово е веќе одамна заборавено“, смета тој.

Во неговиот роден град, вели, а и во другите помали места на југот на Македонија, има сè помал број на манифестации и сé помала сцена, каде што младите талентирани луѓе полни со идеи би можеле да го покажат тоа што го умеат. Алтернативните фестивали се сè поретки, а локалите каде се одржуваат живи настапи полека изумираат, додава тој.

Единствените во градот кои творат своја музика, Уни Бенд, во просек имаат педесетина години, а својот прв албум го снимиле во канцеларијата на пекарата на еден од членовите.

Иако Тони Узунов, Петар Јованов, таткото на Бојан, Душко Костадинов, Владо Вучков и Бобан Тошевски во просек имаат околу 50 години, работат и имаат семејни обврски, љубовта кон музиката и потребата да ја искажат својата креативност ги собрала заедно и ги натерала да снимат албум. Вежбаат во ограничено време, кога нема бучава од машините во пекарата, а за потребите на снимањето научиле и како студиски се снимаат и преработуваат материјалите. Она што ги прави поразлични од младите, вели Узунов, се иницијативноста и ентузијазмот.

„Немавме никаква помош од институција, сé направивме сами. Научивме како да свириме за студиска снимка, научивме да миксаме, вежбавме редовно“, вели гитаристот на бендот, кој е и сопственик на пекарата.

Денес свират родокрајна музика, иако во младоста речиси сите свиреле рок. Го смениле жанрот сакајќи старата македонска музика да не се заборави, но и да звучи посовремено.

Со носталгија зборуваат за времето кога градот бил пополн и повесел, а младите, велат, биле полни со елан и идеи. Валандово е дом на првиот фестивал на новосоздадена музика и некогаш бил епицентар за културни и музички настани, но денес е поразлично.

Басистот на бендот, Петар Јованов, вели дека и оние млади кои се таму, се пасивни. Според него, најголеми виновници за тоа се миграцијата од градот и земјата, недостатокот од публика, но и неиницијативноста.

„Во Домот на културата во Валандово има инструменти, простории, има прекрасни услови за младите да вежбаат и да создаваат нешто свое. Но, она што им недостига е публика“, смета тој.

Додава и дека алтернативната сцена и културата воопшто во малите градови во јужна Македонија е „хендикепирана“, бидејќи недостасуваат луѓе, но и медиумско внимание.

Младиот Бојан Костадинов пак не го дели неговото мислење:

„Публиката ја има секогаш! Младите секогаш почитуваат кога нешто се случува на валандовската сцена, без разлика дали е рок, рап, електронска музика или турбофолк. Оние љубители исклучиво на алтернативна музика, кои се премалку, своите потреби ги задоволуваат во соседните градови, каде што овој вид на музика се интерпретира на завидно ниво во споредба со Валандово“, смета тој.

Сепак, не го напушта надежта дека еден ден ќе остави свој печат на сцената:

„Секој млад музичар размислува за свое дело, нешто што сам ќе го создаде со надеж дека ќе остави белег. Сум имал многу пречки и токму тие пречки ми дале идеја и инспирација за создавање на авторска музика. Имам неколку демо верзии, но потребна е 100 посто посветеност за тие идеи да прераснат во нешто посериозно“, вели Бојан.

Повозрасните музичари од Уни Бенд пак се согласни дека иднината е на младите, и велат дека нивните деца веќе ги надминале во музиката.

„Моите две постари ќерки свират на клавир, а најмалата на гитара. Секогаш сум овде да ѝ помогнам и покажам нешто кога треба. Се надевам дека нашиот пример ќе ја поттикне и таа да твори и ќе ја подгрее креативноста во неа“, вели Узунов.

С.Т.