Венецуела заплени 4 милиони играчки поради вештачко подигање на цената

Кукли, велосипеди и автомобили на далечинско управување има помеѓу 4-те милиони играчки кои ги заплени Владата на Венецуела. Играчките сега ќе бидат продадени по многу пониска цена, откако венецуелските регулаторни тела соопштиле дека голем дистрибутер на играчки намерно ги складирал производите за вештачки да ја подига нивната цена.

„Момчињата и девојчињата во земјата ќе имаат среќен Божиќ. Гарантираме дека секое дете ќе добие подарок“, изјавил Вилиам Контрерас, венецуелскиот државен контролор за заштита на социо-економските права.

Играчките биле пронајдени во неколку складишта во регионот на Каракас, во сопственост на компанијата за играчки Креисел. Дополнително, покрај обвинувањата дека компанијата создавала недостиг на понуда за да ги подигне цените, Владата вели дека Креисел користеле долари обезбедени преку посебни конвертабилни тарифи на Венецуела за да ги набавува продуктите помеѓу 2008 и 2014 година.

„Владата тврди дека бизнисмени и трговски друштва складирале производи на подолг период за да шпекулираат за цената. Венецуела има една од највисоките инфлации во светот, проценета на 475 проценти за 2016 година од Меѓународниот монетарен фонд, а валутата изгуби 75 проценти во споредба со таканаречениот „црн долар“ од минатиот септември“, соопшти Локалниот комитет за понуда и производство, организација која ќе раководи со редистрибуцијата на играчките.

Креисел не се обрати на јавноста со соопштение за запленетите играчки, но компанијата не се согласува со акциите на власта. На нивниот твитер профил, Креисел ретвиташе повеќе од 20 пораки на поддршка и солидарност од луѓе и организации, вклучително и објави кои ја обвинуваат Владата за злоупотребување на моќта.

Агенцијата која ја води Контрерас, информирала дека компанијата ги користела играчките како дел од „оружје на компанијата во економската војна против граѓаните, без да внимава за личните права на малите деца во земјата“.

Заплената на играчките е една од повеќето акции на Венецуела со кои се обидува да ја закрепне проблематичната економија. Од ноември, Владата изрекува наредби за големи намалувања на цените на облеката и други неопходни средства. Економската криза во оваа јужноамериканска земја предизвика протести, криминал и долги редици пред продавниците.