Велосипедистите од Прилеп денеска ќе возат Критична маса

Новата 41-ва велосипедска Критична маса во Прилеп се вози под истото име како и во Скопје – „Нови градоначалници. Стари проблеми. Тука сме“. Рутата на прилепчани почнува од 17:30 часот кај споменикот Александар Македонски.

Велосипедистите велат дека изминативе години, додека заедено се борат, немаат некои видни подобрувања, а најголемите проблеми се сè уште тука.

„Нелегално паркирање, град заробеник на автомобилите, жртви во сообраќај, жртви од загадување; седечки начин на живот, недостиг од активен транспорт, недостиг од специјалeн простор за јавен превоз, велосипеди и пешаци; недовршени велосипедски патеки; метеж, бучава, хаос, непристапност, неквалитетна средина за живеење. Затоа – тука сме! Да покажеме дека луѓето може да се движат и поинаку, а не цело време и не само со кола. Тука сме“, велат од ПрилепНаТочак.

Потенцираат дека се тука да побараат мултимодално, а не автоцентрично планирање. Исто така, да побараат поодговорно планирање, планирање за заштита на човечки животи и пријатно живеење, наместо планирање за големи брзини. Тука се и да ги поддржуваат добрите политики и да ги критикуваат лошите.

„Да пријавуваме проблеми и да се радуваме на малите победи. Тука сме. За безбедни улици, тука сме.  За велосипедска мрежа низ цел град, тука сме. За град кој се движи на незагадувачки и активен, здрав начин, тука сме.  Во среда кај споменикот Александар Македонски од 17:30. Таму сме.  Борбата за вело-Прилеп продолжува, придружете ни се како учесници на Критична маса и како активни граѓани за поубав Прилеп. Тука да сме!“,  стои во соопштението на ПрилепНаТочак.