Велосипедистите на улица – автомобилите на тротоар

Велосипедистите на улица – автомобилите на тротоар Додека цените на бензините растат, паркинзите поскапуваат, а апелите за животната средина стануваат се погласни, граѓаните се фатија за велосипедот. Сепак тука почнуваат и нивните проблеми. Тротоарите се паркинг за автомобили, а и дупките на улиците не се нешто непознато за велосипедистите. Нема доволно велосипедски патеки низ главниот град.

Да возиш велосипед и да не чувствуваш страв да не ти се случи некоја незгода е невозможна мисија, велат оние кои редовно возат велосипед.

Но и на пешаците кои се движат низ Скопје, не им е полесно. И на нив веќе рутина им станува секојдневното заобиколување и провлекување на тротоарите, како поради велосипедистите кои нема каде да се движат, така и поради автомобилите на кои им се дозволува да бидат паркирани на тротоар.

Секојдневно прашање на живот е стигнувањето до одредена дестинација, велат скопјани. Велосипедистите се најгласни против индиферентниот однос и празните ветувања од страна на институциите.

Со цел да слушнат за нивните проблеми, групата „На точак“ почна да организира заедничко возење велосипед низ Скопје, а „Критичната маса“ составена од педесетина велосипедисти јавно проговори за проблемите со кои тие секојдневно се соочуваат.

Како единствен светол момент за скопјани, тие го посочуваат возењето по кејот на реката Вардар и патеката долга 7, 5 километри. Но велат тие, ова е малку за милионски град каде велосипедите стануваат се поважно превозно средство.

Добринка Темелкова