Велковска од Охрид SOS: Експресниот пат низ срцето на Галичица е најкриминалната идеја што му се заканила на паркот

„Експресниот пат низ срцето на Галичица е најкриминалната идеја што од осамостојувањето на Македонија му се заканила на Националниот парк! Тој ‘проект’ е целосно неоправдан економски, зашто ќе го наруши природното движење на туристите кои сега се качуваат на планината, со што ќе создаде вештачка бариера и ќе ги одврати планинарите и туристите…“, вели Драгана Велковска од „Охрид СОС“ во разговор за ЦИВИЛ Медиа.

Велковска потенцира дека „идејата за марината, презентирана од ВМРО-ДПМНЕ е погубна за езеро, со вредности какви што има Охридското езеро“.

„’Проектот’ не само што ужасно ќе го отежни животот на мештаните (бидејќи по патот не смее да се движат пешаци и велосипедисти и нема предвидено поврзувања со локалните населени места), не само што ќе претставува уништување на природните вредности во паркот, кои го прават ова парче земја дел од Прекуграничниот биосферен резерват, туку, тој експресен пат ќе отвори Пандорина кутија за опстанокот на Националниот парк во генерална смисла, како и за извонредните вредности на регионот и силно ќе го загрози УНЕСКО-статусот, а можеби ќе доведе и до негово одземање“, вели Велковска, како реакција на последната прес-конференција на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.