Вечер со Ерик Јаросински, или @NeinQuarterly во Кинотека

Оваа сабота (4 јуни), во Кинотека на Македонија ќе се одржи разговор со Ерик Јаросински, поранешен професор по модерна германска литература од Њујорк, кој заморен од академскиот свет почнал да води поинаков живот онлајн, кој е истовремено интелектуален, но и крајно смешен.

Твитер профилот @NeinQuarterly, кој тој го води, има 130 000 следбеници од повеќе од 100 земји. Неговата прва книга „Најн. Манифест“, збирка твитови, е објавена во 2015 на англиски, германски, италијански, холандски и шпански.

Јаросински ќе одржи презентација насловена како „Прво како трагедија, па како твит: филозофија, култура и социјалните медиуми“.

Неговата презентација ќе се занимава со употребата на новите технологии за деконструирање на традиционалните начини на филозофско размислување. Притоа Ерик ќе понуди стратегија не на поедноставување или популаризирање на филозофија, туку на демистикација на нејзината терминологија и игрив став кон нејзините „идоли“.

Презентацијата ќе се одвива на англиски јазик, без превод, по што следи модерирана дискусија.

„Бесплатно. Без резервации и карти. Без стриминг. Без причина“, се вели во најавата за настанот.