Вебинар на 28 февруари „Вештачка интелигенција во медиумите – про или контра“

Дали и како вештачката интелигенција може да се користи во медиумите? Колку новиот развој на алатките за вештачка интелигенција можат да ги загрозат авторските права и трудови на новинарите и на фоторепортерите? Кои се придобивките, а кои се можните штетни последици од вештачката интелигенција во медиумската сфера?

Ова се само дел од прашањата кои ќе се отворат на вебинарот „Вештачка интелигенција во медиумите – про и контра“ кој ќе се одржи на 28 февруари (среда) со почеток во 11 часот. На онлајн настанот ќе говорат новинарот Бојан Шашевски, фоторепортерот Ѕвонко Плавевски и адвокатот Валентин Пепељугоски.

„Учесниците на вебинарот ќе можат да стекнат сознанија за тоа како новинарите, со развојот на вештачката интелигенција, ќе можат да ги заштитат своите трудови, а истото се однесува и на фотографиите, со оглед на тоа што често се случува јавноста да не може да препознае дали одредена објавена фотографија е направена со ВИ или пак е автентична. Сето ова може да донесе до забуни кај јавноста, со тенденција читателите или гледачите да станат предмет на манипулации“, стои во најавата за вебинарот.

Оттаму, велат тие, важноста на темата ги засега двете страни – и медиумските работници, но и широката публика, која ќе има можност да се едуцира во однос на тоа како може да се препознае дали одреден текст, сторија, фотографија и слично се изработени со помош на вештачка интелигенција.

„Вебинарот има за цел и да ја нагласи клучната улога на новинарите и фоторепортерите како чувари на вистината, па токму од тие причини е и важноста во однос на заштитата на автентичните содржини изработени од нив“, се вели во најавата.

Вебинарот е отворен за сите новинари, заинтересирани граѓани, новинарски здруженија, невладини организации и други субјекти.

Настанот е организиран од Здружението за унапредување на медиумските практики „Иновативни медиуми“, со поддршка на регионалниот проект СМАРТ БАЛКАН – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институт за демократија и медијација (ИДМ) а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

„Учеството е бесплатно за учесниците и за истото не е потребна претходна регистрација. Заради потребите на проектот, настанот на TEAMS ќе биде снимен, но нема да биде јавно емитуван“, стои во најавата.