Утре почнува Фестивалот на чајот и читањето во „Феникс“

Издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје од 4 февруари до 8 март го организираат Фестивалот на чајот и читањето.

Фестивалот ќе се одржува во Културниот центар „Феникс“, а организаторите најавија голем саемски попуст на книги, промоции, изложби, почеток на курсот за креативно пишување, манифестацијата „Денови на прозата“, врачување награди и признанија.

На почетокот на Фестивалот на чајот и читањето денеска, по повод годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, на Олга Панкина ќе и биде врачена наградата „Гоцевата мисла“, за нејзиниот севкупен придонес за афирмација и презентација на македонската литература и култура во странство, посебно за големиот број преводи и објавени дела од македонски автори на руски јазик.

Свеченоста ќе биде збогатена и со отворање самостојна тематска изложба „Концепт/концерт за гласно молчење и нечујно свирење“ на тема музика и музичари од доц. д-р Христо Петрески, која ќе ја отвори проф.д-р Иванка Апостолова.