Уништувањето на природата е „руски рулет“ со пандемиите, предупредуваат експертите

Светските влади мора да ги пополнат огромните дупки во плановите за опоравување после Ковид-19, со акција кон коренот на причината за пандемиите – уништувањето на природата, предупредува нова групација за здравство и екологија.

Коалицијата за спречување на пандемиите смета дека недостасуваат важни активности и инвестиции со што светот е оставен во „опасна игра на руски рулет со патогените“.

Тие велат дека иако повеќе трилиони долари оправдано биле потрошени во зајакнување на здравството и како инјекција за глобалната економија, но, многу помалку пари биле потрошени за спречување на обесшумување и ставање крај на нелегалната трговија со диви животни. Нивниот повик е последен во серијата на алармантни предупредувања дека се можни пострашни и почести пандемии доколку не се направи никаква акција, но досега овие повици главно не наидуваа на слух.

Коронавирусот кој го предизвикува Ковид-19 се смета дека се пренел од лилјаците на луѓето и околу две третини од сите болести кои ги заразуваат луѓето се појавуваат кај други видови, меѓу нив и Инфлуенца, ХИВ, Зика, Западно-нилскиот и Ебола вирусот. Сè поголемото уништување на природата преку земјоделството, сечата на шуми и трговијата со диви животни ги донесе луѓето и нивниот добиток во близок контакт со диви животни и доведе до зголемена појава на заболувања кои преминуваат од животните на луѓето последниве децении.

„Вакцините за Ковид-19 ќе помогнат да се спасиме од сегашната неволја, но нема да направат ништо да не заштитат од следната пандемија. Само со акции кои ќе ги сопрат инфекциите таму каде што почнуваат можеме да ставиме крај на нашата несреќна игра руски рулет со патогените“, вели Арон Бернстајн, од Школата за јавно здравје на Универзитетот во Харвард, кој е дел од Коалицијата.

„Шумите и тропските шуми особено се чувари на сложени мрежи на микроби и нивните домаќини во дивината. Уништувањето на овие предели носи можност за пренесување на овие микроби на нашите домашни животни и на самите нас. Затоа, задржување на состојбата на шумите не само што го заштитува биодиверзитетот и ги спречува климатските промени, туку ги заштитува и овие сложени и потенцијално опасни мрежи од патогени“, додава Ејми Витор, од Универзиетот на Флорида.

Како одговор на Ковид-19 светот досега потроши повеќе од 20 трилиони долари, но студија од јули пресмета дека вложување на само 27 милијарди долари годишно може значително да го намали ризикот од некоја друга пандемија слична на онаа со коронавирусот.

„Релативно скромни инвестиции и соработка меѓу владите во справување со обесшумувањето на можните упоришта на следни зарази, значително може да ја намали трговијата со диви животни и да ја подобри био-безбедноста околу домашните животни што би било од голема помош“, објаснува Џон Епстин, експерт за вируси од животинско потекло од Алијансата „Еко Хелт“.

Откако започна пандемијата со Ковид-19, Светската здравствена организација, Обединетите Нации и други меѓународни организации предупредија дека светот мора да се справи со причината за заразите, а не само со здравствените и економските симптоми.