УНИЦЕФ: Децата бегалци имаат потреба и право на заштита

„Трогателни слики од детски тела исфрлени на бреговите на Европа … тела кои лежат задушени во задниот дел од камионите што ги минуваат границите … тела прегазени од очајните родители преку огради од бодликава жица.

Со продлабочувањето на мигрантско-бегалската криза во Европа, ова нема да бидат последните шокантни слики што се шират низ светот преку социјалните медиуми, на нашите телевизиски екрани и на насловните страници на весниците, се вели во пораката на извршниот директор на УНИЦЕФ Ентони Лејк за децата-мигранти и бегалската криза во Европа.

Според него не е доволно само светот да се шокира од ваквите слики. На шокот мора да се одговори со акција. Затоа што маката на овие деца не е ниту по нивни избор, ниту во нивна контрола. Тие имаат потреба од заштита. Тие имаат право на заштита, вли тој.

УНИЦЕФ повикуваме да се преземат следниве мерки:

1. Заштита на овие деца преку обезбедување основни услуги во секое време – вклучувајќи здравствена заштита, храна, емотивна поддршка и образование – и соодветно засолниште за мигрантите и бегалците, во кое семејствата ќе останат заедно.

2. Распоредување на соодветен број обучени експерти за заштита на децата заради поддршка на децата и нивните семејства.

3. Продолжување со потрагите и спасувачките операции – не само на море, туку и на копно, додека семејствата се движат низ земјите – и вложување на сите напори за да се спречи злоупотребата и експлоатацијата на децата-мигранти и бегалци.

4. Ставање на најдобрите интереси на децата на прво место при сите одлуки во врска со овие деца – вклучувајќи и во случаите на азил.

„Нашите срца денеска се со семејствата кои ги загубија децата – во близина на брегот, на самиот брег и на патиштата во Европа. Додека продолжуваат дебатите за политиките, никогаш не смееме да ја изгубиме од вид длабоко човечката природа на оваа криза. Ниту да ги изгубиме од вид децата. Ниту големината на оваа криза. Најмалку една четвртина од оние кои бараат засолниште во Европа се деца – во првите шест месеци од оваа година, повеќе од 106.000 деца побараа азил во Европа.

„И никогаш не треба да заборавиме што се крие зад многуте приказни на семејствата кои бараат засолниште во Европа: ужасни конфликти, како оној во Сирија, кои веќе принудија околу 2 милиони деца да ја напуштат својата земја. Само ставањето крај на овие конфликти може да донесе крај за страдањата на толку многу луѓе,“ се вели во пораката на извршниот директор на УНИЦЕФ.