УНХЦР: Владата да воспостави механизми за управување со границите и заштита на бегалците

Агенцијата за бегалци при ОН (УНХЦР) изрази загриженост за ситуацијата со мигрантите на границата помеѓу Грција и Македонија, откако беше користена сила за да се спречат луѓе да ја преминат границата.

УНХЦР е посебно загрижен за илјадниците ранливи бегалци и мигранти, посебно жени и деца, коишто сега се насобрани на грчката страна на границата во сè полоши услови.

Од Агенцијата соопштуваат дека Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации Антонио Гутерес вчера разговарал со Министерот за надворешни работи Никола Попоски во врска со состојбата и добил уверувања дека границата во иднина нема да биде затворена.

„Иако ги разбираме притисоците со кои се соочува ПЈР Македонија и легитимната загриженост за безбедноста, УНХЦР апелира до владата да воспостави механизми потребни за да се воведе организирано управување со границите кое ќе ја земе предвид заштитата на бегалците. Конкретно, ја охрабруваме владата да соработува со УНХЦР со цел да изгради доволен капацитет за прием во земјата како и организирана регистрација и идентификација.

УНХЦР исто така апелира до грчките власти да ги подобрат регистрацијата и прифатот на лицата коишто имаат потреба од меѓународна заштита и да им обезбедат итна помош на луѓето што се останати на грчката страна на границата и да им помогнат да се упатат кон прифатните центри подалеку од границата.

УНХЦР останува подготвен да им понуди помош на двете влади во врска со овие предизвици. Исто така ги повторуваме повиците кон Европската унија да ја зголеми поддршката за земјите кои се погодени од движењето на бегалците во Југоисточна Европа, вклучувајќи поенергично спроведување на Агендата на Европската унија за миграција и поголеми правни патишта за прием во Европа“, стои во соопштението.

УНХЦР сметаат дека Европа мора да делува заеднички во одговорот на оваа сè поголема криза и да им помогне на земјите како Грција, Македонија и Србија.