УНХЦР: Рекордни 65,3 милиони луѓе се раселени во светот

Војните и прогонот предизвикаа рекорден број на луѓе да ги напуштат своите домови, посочува новиот извештај на УНХЦР.

Според поатоците, во 2015 година, на секоја минута, 24 луѓе биле принудени да се преселат, што е за четири пати повеќе од пред една деценија, кога шест луѓе бегаа на секоја минута.

Бројките, објавени по повод Светскиот ден на бегалците, покажуваат дека вкупно 65,3 милиони луѓе се раселени мината година, во споредба со 59, 5 милиони луѓе  во 2014 година. Ова е првпат во историјата на организацијата прагот да надмина 60 милиони луѓе. Бројките, објавени по повод Светскиот ден на бегалците, покажуваат дека

„Се повеќе луѓе се раселуваат поради војните и прогонот, што само по себе е загрижувачки, но и факторите кои ги загрозуваат бегалците се размножуваат, исто така“, вели високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.

„Во морето, застрашувачки број на бегалци и мигранти умираат секоја година, а на земја, луѓето кои бегаат од војната наидуваат на блокиран пат со затворени граници. Затворањето на границите не го решава проблемот“, додава тој.

Најголем број на раселени луѓе доаѓаат од Сирија, Авганистан и Сомалија. Според УНХЦР, 86 отсто од бегалците во светот се распределени во земји кои не се економски најподготвени за тоа. Најмногу бегалци има во Турција, околу 2,5 милиони, а потоа во Пакистан и Либан.

Германија, САД и Шведска, пак, се трите земји кои добиле најмногу барања за азил.