УНХЦР предлага шест чекори за решавање на бегалската криза

Пред состанокот на претседателите или премиерите на државите на Европската унија (ЕУ) со Турција на 7 март во Брисел, УНХЦР, Агенцијата на Обединетите Нации за бегалци, издаде шест препораки со цел, како што појаснуваат, да им се помогне на државите да ја решат бегалската ситуација во Европа.

„Времето ни истекува, а од европските лидери итно се бара силно лидерство и визија за да се најде решение за тоа што според нас е ситуација којашто сè уште може да се управува доколку соодветно ѝ се пристапи,“ рече Високиот комесар на Обединетите Нации за бегалци, Филипо Гранди.

„Ова е исто толку криза на европската солидарност колку што е бегалска криза. Колективниот неуспех да се спроведат мерките договорени од страна на државите-членки на ЕУ во минатото доведе до постојната ескалација на кризата,“ додаде тој.

Ситуацијата брзо севлошува во Грција каде има околу 30.000 паселени лица , од кои речиси третина се во Идомени, близу границата со Македонија. Иако грчките власти и војската го појачаа нивниот одговор, велат од УНХЦР, илјадници луѓе спијат на отворено без адекватни прием, услуги, помош или информации. Тие предупредуваат дека тензиите растат, а ситуацијата би можела брзо да ескалира во вистинска криза.

„Учеството на сите држави-членки на ЕУ во решението е клучно за да се управува делотворно со состојбата,“ рече Гранди. „Не треба само да се 2 остави на земјите на влез, Грција и Италија, и тие како Австрија, Германија и Шведска, кои прифатија толку многу луѓе.“

Високиот комесар предложи план од шест клучни точки до државите-членки на ЕУ за управување и стабилизирање на бегалската ситуација:

1. Целосно имплементирање на таканаречениот пристап на „клучни точки“ (hot spots) и релокација на барателите на азил од Грција и Италија, a во исто време и враќање на лицата коишто не се квалификуваат за бегалска заштита, вклучувајќи и според постоечките договори за реадмисија.

2. Зголемување на поддршката за Грција да се справи со хуманитарната итна состојба, вклучувајќи за одредување на статус на бегалец, релокација и враќање или реадмисија.

3. Осигурување усогласеност со сите европски закони и директиви за азил помеѓу државите-членки.

4. Овозможување повеќе безбедни, правни патишта за бегалците да допатуваат во Европа под управувани програми – на пример програми за хуманитарно прифаќање, приватни спонзорства, обединувања на семејства, студентски стипендии и шеми за мобилност при работа – со цел бегалците да не прибегнуваат кон криумчари и трговци со луѓе за да стигнат до безбедно место.

5. Заштитување на лицата под ризик, вклучувајќи системи за заштита на непридружуваните и разделените деца, мерки за спречување и одговарање на насилство врз основа на полот и родот, зајакнување на операциите за барање и спасување на лица во морето, спасување животи преку спречување на криумчарењето и работење на искоренување на ксенофобијата и расизмот насочени кон бегалците и мигрантите.

6. Развивање на системи на одговорност кон барателите на азил на европско ниво, вклучувајќи го создавањето на центри за регистрација во 3 главните земји на пристигање и основање на систем за барањата за азил да се распределат на праведен начин помеѓу државите-членки на ЕУ.

„Европа успешно се справуваше со големи бегалски движења во минатото, за време на Балканските Војни, на пример, и може да се прави со ова, доколку делува во духот на солидарноста и споделувањето одговорност,“ смета комесарот Гранди кој додава дека нема друга опција освен заедничко работење за решавање на ситуацијата.

Според неодамнешна анкета на УНХЦР со Сиријци и Авганистанци пристигнати во Грција, најголемиот број од нив велат дека главни причини поради кои ја напуштиле земјата се конфликт или насилство.