Унгарските студенти го „притиснаа“ премиерот Орбан

Илјадници унгарски студенти кои се противат на реформата на високото образование денеска упатија ултиматум до владата на Виктор Орбан, во кој бараат таа да ги исполни сите нивни барања до 11 февруари. Протестите мобилизираа неколку илјади учесници на крајот на минатата година, кои бараат владата да се откаже од намалувањето на квотите за бесплатно студирање и да се укине обврската за останување во земјата за студентите кои дипломираат на државните универзитети. Студентите бараат и да бидат вклучени во одлучувањето за реформите во високото образование, како и повеќе пари од буџетот за државното високо образование.

Обединети во организација наречена „Форум за преговори за високо образование“, студентите заедно со професорите и синдикатот во образованието, бараат премиерот Орбан да седне на преговори околу отворените прашања. Студентите го обвинуваат премиерот дека преговара еден на еден со професори или одделни студентски лидери, што според нив е политика во стилот „подели па владеј“.

Студентите најавуваат дека ќе ги продолжат протестите на 11 февруари, доколку Владата не преземе конкретни чекори за исполнување на нивните барања.