Унгарија почна да го крева ѕидот долж српската граница

Унгарската војска почна да ја гради оградата кон границата со Србија, во намера да го запре приливот на илегални мигранти. Како што јавува Танјуг, градежните работи почнале утринава близу градот Морахал, каде булдожер го подготвува земјиштето за новата градба.

Според унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, на Министерството за внатрешни работи му било наложено да се подготви за изградба на оградата висока четири метри, во должина од 175 километри која ќе биде крената во десетина области што се најизложени на притисокот на имигрантите. Садбата на ѕидот ќе чини околу 21 милиони евра.

Неодамна угарскиот парламент го усвои законот со кој се заоструваат правилата за азил, а со кој беше дадена правна основа за подигнување оградата долж границата со Србија.  Со законот се скратува периодот за проверка на азилантите, а на официјална Будимпешта ѝ се овозможува да ги отфрла барањето на имигрантите од Сирија, Авганистан или Ирак, кои попатно минале низ некоја побезбедна земја.

ОН и Советот на Европа претходно го критикуваа предложениот закон, оценувајќи дека со него се ослабува заштитата на бегалците во Унгарија.

Од почетокот на годината во Унгарија веќе се влезени околу 80.000 мигранти и бегалци, а во моментов околу 80 отсто од нив потекнуваат од земјите кои се на удар на воените дејствија како Сирија, Ирак и Авганистан. За најголем дел од нив крајна дестинација не е Унгарија, туку побогатите земји од Европската унија, како Германија и Шведска.