Уметница од 19-ти век доби признание за своите дела, кои се сметало дека се насликани од мажи

Во текот на речиси половина век, цртежите и сликите на Керолин Луиза Дели биле закачени на ѕидовите на една од најголемите галерии во Канада. Но, до неодамна, по грешка им биле припишани на двајца машки ликовни уметници.

Сега, во она што истражувачите го опишуваат како „мала победа за феминистите“, Дели конечно го добива признанието кое го заслужува, во изложба посветена на сликарката и нејзините дела.

„Сме ги изложувале овие дела во наврати доста често во неколкуте изминати децении, секогаш со признание за двајцата мажи“, вели Пејџ Мети, регистрар на галеријата во уметничката галерија на Конфедерацискиот центар за уметност во островот Принц Едвард и куратор на изложбата „Претставувајќи ја Керолин Луиза Дели“, која започнала во јануари. „Затоа, вистинско задоволство е да може да се исправи тоа и да се признае грешката“.

Делата, на кои има потпис C Daly или CL Daly, делго време се сметало дека се насликани од Џон Кори Вилсон Дели и Чарлс Л. Дели.

Сомненијата за тоа кој ги насликал делата прв пат се појавиле во 2014 година, кога британски посетител на галеријата тврдел дека сликите се на неговата прабаба Керолин.

Родена во 1830-тите, Дели живеела на островот Принц Едвард околу пет години, додека нејзиниот татко служел како заменик-гувернер. Како што татко ѝ се селел од едно на друго место поради службените обврски, таа ги документирала семејните патувања со цртежи и слики.

Откако правнукот ја открил грешката, била спроведена двегодишна истрага, која ја решила „мистеријата на музејот“.