УКИМ, УГД и УКЛО започнуваат потрага по нови студенти  

Универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје, „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип и „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) од Битола стартуваа активности за уписи на студенти во академската 2020/2021 година.

Во УКИМ, според Конкурсот за запишување на прв циклус студии, слободни се вкупно 10.798 места.

Од нив, 5.300 се за идни студенти во редовната квота т.е. кои се финансираат од буџетот на државата, 4.438 се слободни за кофинансирање на студиите и 1.060 слободни места има за вонредни студенти.

Надоместот за студии за редовни студенти останува ист како и во изминатите години. Односно, 200 евра во денарска противвредност, а за студентите со кофинансирање и за вонредни студенти е 400 евра.

Според Конкурсот, најмногу студенти може да примат ПМФ (1.220), Филолошки (1.085), ФИНКИ (1.080) и Правен (1.055), а најмалку можат да конкурираат за Факултет за ветерина (50), за ликовни уметности (44) и драмски уметноси (21).

Првиот рок за пријавување кандидати за прва година во 2020/2021 на УКИМ ќе биде на 31 август и 1 септември. Вториот е на 15 и 16 септември и третиот рок – 28 септември.

Поради здравствената криза, УГД најави дека е подготвен уписите комплетно да ги реализира електронски.

Оттука, од 1 јули е активирана електронска платформа.

Ректорот на УГД-Штип, Блажо Боев истакна дека годинава намален се квотите за запишување, вкупниот број на студенти кои можат да се примат на факултетите и академии е околу 3.080.

„Како Универзитет сметаме дека за нас е таа доволна бројка и сметаме дека доколку ние оствариме, запишеме некаде околу 2.000 студенти во прва година за нас тоа ќе биде релативно голем успех. Сепак треба да спомениме дека оваа година е специфична по не само она што се случува на нашиот Универзитет, туку и на останатите во поглед на глобалната пандемија Ковид-19 и мислам дека тоа е предизвик за сите“, рече Боев.

За електронската платформа, нагласи дека ја работат два месеца, до крајот на август, кога „водејќи сметка за тоа што се случува со пандемијата, доколку условите бидат подобри за да овозможат да се реализираат физички уписи, ќе бидат отворени и пунктовите за уписи на крајот од август“.

„Меѓутоа, сепак ќе ги следиме состојбите со пандемијата и доколку имаме услови за тоа ќе го направиме, а доколку не, комплетното запишување ќе биде на електронската платформа на УГД“, рече тој.

УГД и годинава за 300 најдобро рангирани кандидати на студиските програми обезбеди бесплатно студирање во прва година. За нив партиципацијата ќе биде платена од фондовите на Универзитетот.

Според Конкурсот на УКЛО, таму годинава ќе можат да се запишат вкупно 2.697 студенти, од кои 1.450 редовни би влегле со државна квота.

Таму школарината за странските државјани за академската 2020/2021 изнесува 1.000 евра, освен за Факултетот за туризам и угостителство – Охрид каде таа е 800 евра.

Првиот уписен рок за кандидати е на 27 и 31 август и 1 септември. Вториот е на 14 и 15 септември, додека третиот ќе се одвива на 24 септември.

И за УКЛО е важно пред пријавувањето во роковите утврдени со Конкурсот, секој заинтересиран треба да се регистрира и да пополни електронска пријава од iKnow-системот.