УГД ќе развива заедничка студиска програма со ФАМУ од Чешка

Ректорската управа на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип следните 3-4 години ќе работи на формирање и отворање на заедничка студиска програма со Академијата за Филмска и Тв Уметност – ФАМУ од Прага.

Штипскиот универзитет

Според најавите на ректорот Саша Митрев и информациите на веб страницата на УГД во план е реконструирање на две или три куќи во штипско Ново Село кои се заштитени со Законот за заштита на културно наследство. Овде се планира да бидат сместени Институтот за историја и археологија, Ликовната академија односно одделот за класично сликарство, а можно е и понатаму и Академијата за филм да биде сместена во некоја од овие новоселски куќи.

За сега само е усвоен предлог – проектот за реализација на една ваква студиска програма. Во претстојниот период се планира да се работи на развивање на програмата која би била во рамките на втор циклус на студии, а понатаму ќе се разгледува можноста за проширување на студиската програма со други катедри.

Идејата за отворање на една ваква заедничка студиска програма кај нас потекнува од 2008 година, а почна да се конкретизира со потпишување на меморандум кон крајот на минатата година од страна на претходно овластениот македонски амбасадор Паскал Стојчевски и ректорот на Академијата за сценски уметности Јан Ханчек. Како што за време на потпишувањето на меморандумот изјави Стојчевски, со овој документ се поставуваат темелите за идната академска соработка меѓу ФАМУ и идната филмска школа во Македонија чие седиште се планира да биде Охрид.

Тогаш од министерството за образование и наука најавија и дека од идната академска година треба да започнат последипломските студии во Охрид од т.н. „програма за заедничка диплома“ која што ќе се издава и од Универзитетот „Гоце Делчев“ и од ФАМУ во Прага. Програмите би се одвивале на англиски јазик, а ќе можат да студираат студенти од нашата и од околните држави.

Досега никој не прецизираше со која всушност програма првично би почнала да функционира една ваква филмска школа кај нас. Остануваат само најавите дека во Охрид, на почетокот на април ќе биде отворена последипломската студиска програма за филмско сценарио.

Училиштето за Филм и ТВ (ФАМУ) е составен дел од Академијата за сценски уметности во Прага, која е основана непосредно по втората светска војна во 1947 година. Се смета за една од петте најстари филмски училишта во светот. По падот на комунизмот во Европа, ФАМУ го одржа својот статус како национална филмска школа, но истовремено ги отвори своите врати за меѓународни студенти од целиот свет. ФАМУ е основачки член на Светската асоцијација на филмски училишта (CILECT), Европската лига на институтите на уметностите (ELIA) и на Европската асоцијација на училишта за филм и телевизија (GEECT).  Едни од студентите кои излегле од ФАМУ се режисерите и писатели: Вацлав Хавел, Јиржи Менцел, Милош Форман, Милан Кундера, Емир Кустурица, како и македонскиот режисер, сценарист и продуцент Иво Трајков.

С.И.