Училиште се продава на оглас во Македонски Брод – цврста градба, симболична цена

Се продава основно училиште во село Црешнево – Македонски Брод. Цврста градба, целосно во камен, со дебели ѕидови. Со мала адаптација може да се претвори во прекрасна викендичка во едно од најубавите села во Македонија, под Солунска Глава. Еколошки најчистиот регион. Идеално за ловџии и љубители на природата. Цената е симболична – 9.000 евра.

Ова е описот на огласот кој пред три дена е објавен на интернет страница за огласување. Го контактиравме лицето наведено во огласот кој ни кажа дека ваквата пракса за продажба на стари селски училишта, не е нова и ја има во повеќе општини во Македонија.

cresnevo

Село Црешнево Фото: Google Maps

„По закон државата ги даде на локалната самоуправа и ги продаваше. Јас го планирав за ловечка куќа, но ми се свртеа работите и сега го продавам. Објектот е во сред село, кај црквата. Јас го земав пред 4-5 години, инаку училиштето е затворено пред 30-40 години. Изградено е ново во селото и останало така. Градено е од камен, ама нема прозори или врати. Тоа се стари имоти со една-две училници кои не се од типот на школите кои се прават денес. Има стотици такви стари училишта кои се продаваат низ Македонија, по селата во Крива Паланка, Струмица, Кочани… “, ни изјави Душан Наумоски контакт лицето од огласот.

Градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески, не беше запознаен со овој оглас, но уверува дека локалната самоуправа нема продадено основно училиште во селото Црешнево, туку дека се работи за објект кој имал друга намена.

„Таков објект имаше, беше стара општинска продавница која е продадена пред 3-4 години. Не се работи за училиште. Инаку во тоа село основното училиште е активно и си работи. Има седум деца. Не знам кој го пуштил тој оглас, но се работи за дезинформација, објаснува Градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески.

Истиот огласувач во средината на август поставил уште еден, сличен оглас за продажба на основно училиште и во селото Вир, кое се наоѓа на околу 5 километри јужно од Црешнево. Освен малку изменетиот опис, преку кој училиштето е погодно за луѓе кои сакаат да се занимаваат со сточарство и пчеларство, различна е и цената.

oglas-uciliste-vir

Според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонски Брод има 8 основни училишта во кои учат 477 ученици. Бројот на ученици во оваа Оштина во последните десет години е намален за скоро 20 проценти.

Даниел Евросимоски