Ученик во семејството ја зголемува синдикалната кошница за 8.000 денари, велат од ССМ

Синдикалната кошница за месец август 2021 година изнесува 34.342 денари, но таа се зголемува на најмалку 42.342 денари доколку во семејството има еден ученик, соопштија од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Синдикалната кошница во споредба со претходниот месец е зголемена за 214 денари. Просечно семејство најмногу пари треба да издвои за храна и пијалоци, 14.633 денари и за домување 10.818 денари. За лична хигиена треба да одвојат 2.382 денари, а за превоз минимум се потребни 2.529 денари. За култура 1.068 денари и за здравје 736 денари. Анализите на ССМ покажува дека трошоците за живот континуирано се зголемуваат, а платите стагнираат.

„Посебен товар за граѓаните односно на едно четиричлено семејно домаќинство овој месец е и почетокот на учебната година за кој според податоците кои се официјално достапни и изнесени во јавност, родителите треба да одвојат најмалку по околу 8 000,00 денари по дете кое посетува настава во основно или средно училиште. Сојузот на синдикатите на Македонија оправдано во изминатиот период бара минималната плата да изнесува најмалку во висина од 60% од просечната плата, поради тоа што ниту просечната плата ниту пак две минимални плати не се доволни да ја покријат синдикалната минимална кошница. Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците на живот и цени тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на Синдикалната минимална кошница“, велат од ССМ.

Од Сојузот велат дека поради зглемувањето на цените потребна е „плата за живот“, со која работниците безгрижно ќе можат да ги овозможат трошоците од синдикалната кошница само со една плата.