Учениците од Гимназијата „Орце Николов“ се информираа и едуцираа за родовото и семејно насилство

Дали има случаи на родово базирано насилство во нашето училиште? Кој вид на насилство е најзастапен? Кој најчесто пријавува и какво насилство најчесто се пријавува? На кои начин се штитат жртвите на семејно насилство?  Доколку жртвата отиде во болница со повреди, дали медицинскиот персонал е задолжен да пријави во МВР?“. Ова беа дел од прашањата кои учениците од гимназијата „Орце Николов“ ги поставија на претставниците од МВР, ХЕРА, СОС линијата и Министерството за правда.

Тие прикажаа три кратки филмови на тема семејно и родово насилство кои ги изработиле во текот на тримесечните работилници, а настанот имаше и интерактивен момент, каде присутните заедно решаваа крстозбор со термини од родовото насилство. Дел од учениците на големо платно нацртаа и голем транспарент за подигнување на свеста.

Преставничката од СОС линијата, Трајкова, пред присутните истакна дека оваа година пријавени биле нови 670 случаи. Има случаи кои се пријавуваат и по три пати.
Од МВР споделија дека на ниво на град Скопје, има добиено 330 пријави за семејно насилство со земени записници. Жртвата треба самостојно да сака да го пријави сторителот, а доколку одлучи да не пријавува, законот ја брани. Има многу случаи кога жртвата пријавува, но не сака кривично да го гони сторителот.

На прашањето дали доколку жртвата одлучи да не поднесе кривична пријава, полицијата може да го гони сторителот според службена должност,  претставничката од Министерството за правда,  Марковска Гордана, началничка на одделението за семејно насилство, одговори дека полицијата не може кривично да го гони сторителот, а пријавувањето потоа преминува во поплака или прекршок. Таа дополни дека најчувствителни се релациите родители – деца, кај кои постои најголемо колебање.

„Ние на средби и на семинари, побаравме семејното насилство да се гони по службена должност, поготово доколку има телесна повреда, меѓутоа сѐ уште не знаеме дали ќе помине тоа во законот. Побаравме да нема можност да се откаже жртвата, целиот процес да оди по службена должност“  рече Марковска.

„Проблемот е што во Македонија многу се мали капацитетите за сместување, а има случаи кога жртвата итно треба да биде заштитена. Во кризниот центар се достапни три кревети, додека „Шелтер Центарот“е еднособен стан, кој најчесто е зафатен. Вториот проблем – што после шелтарот? Жртвата може да остане во шелтерот. Во други држави жените може да се задржат и до една година додека се вработат. Жените најчесто остануваат во заедницата поради финансиската зависност. Пред неколку години една жена сместив во стан на пријатели додека да се снајде“ – забележа Трајкова.

Претставничката од МВР, главната инспекторка на одделението за превенција, Катерина Стојкова, дополни дека има  случаи кога полицијата го исселува сторителот и ја остава жената, особено во случаи кога е вмешано користење на алкохол. Таа објасни дека сторителот е пратен во болницата за душевни болести.

„За полицијата е најважно да видиме дали насилникот е сѐ уште насилен. Алкохолот не го прави насилникот насилник. Тоа е само дополнителен елемент за тој да стане уште понасилен. Насилникот и жртвата да се разделени, потоа насилникот го носиме во полициска станица, го задржуваме колку што ни дозволува законот, а во меѓувреме комуницираме со другите институции кои можат да бидат вклучени во заштита на жртвата“ – рече Стојкова.

Претставничката од „Прв семеен центар“, Фросина Ивановска, истакна дека многу ретко, жените напуштаат по прв случај на насилство. Според неа, тоа се случува бидејќи жртвите долго време биле изолирани и контролирани и им треба подолго време за да го надминат стравот и срамот за да се обратат за помош, односно, потребно е време за да испроцесираат дека тоа што им се случува е насилство. Не конфликт, не расправија, туку насилство.

„Во Скопје можностите да добиете заштита се поголеми и институциите во Скопје, полицијата и Центарот за социјална работа се далеку посензибилизирани и има посебни одделенија во кои се вклучени повеќе луѓе, за разлика од другите градови кај што има една услуга – засолништа. Засолништата во Скопје се три, две се на невладина организација и уште едно на Министерството за труд и социјална политика. „Сигурни куќи“ има уште во три градови надвор од Скопје, меѓутоа капацитетот на сигурните куќи, дури и на оние во Скопје, не соодвествува на барањата“ – се надоврза Ивановска.

Од МВР одговорија дека доколу жртвата директно отиде во болница, медицинскиот персонал е должен да пријави на 192. „Меѓутоа жртвите не секогаш кажуваат како се здобиле со повредите. Во Скопје пријавуваат, не знам како е во другите градови, таму се почуствителни. Постои законска регулатива и одговорности. Доколку персоналот тоа не го пријави по службена должност, тогаш може да се отвори приватна тужба“ – истакнаа тие.

Трајкова од СОС линијата изјави дека жртвата е онаа која најчесто пријавува, но има случаи кога пријавуваат и роднини или деца. „Имавме случај кога 11 годишно дете се јави пола час по полноќ за да пријави. СОС линијата е првото скалило на процесот за пријавување семејно насилство. Во последните години се пријавува и демнењето како насилство, но најчести се физичкото и психичкото насилство“ – дополни таа.

Ивана Смилевска