Учениците ќе користат „Микро: бит“ за да научат кодирање и програмирање

Британската влада инвестира 10 милиони фунти за да обучи еден милион ученици на Западен Балкан со дигитални вештини за иднината. Тригодишната програма „Училишта на 21 век“, која ги опфаќа и македонските училишта, ќе им даде поддршка на основците на возраст од 10-15 години да се стекнат со вештини и знаења за да ги задоволат потребите на 21 век.

Училиштата ќе добијат до 30 „Микро: бит“ уреди за кодирање, кои учениците ќе го користат при учење. Станува збор за мал џебен компјутер, кој ќе им овозможи на учениците да се стекнат со основни вештини за кодирање и програмирање за да се подготват за светот на модерната технологија.

Уредот содржи 25 ЛЕД светла, вграден компас и конекција за УСБ. За да го испрограмираат micro:bit-от, учениците треба да се поврзат на нивниот компјутер и да напишат неколку основни линии на код за од него да направат уред каков што сакаат. Најзначајната работа во користењето на micro:bit е дека учениците учат како да се размислува чекор по чекор и како да ги распоредат командите во последователни чекори.

Околу 30.000 наставници од основните училишта на Западен Балкан ќе имаат можност да присуствуваат на обуки за вклучување на вештините за критичко размислување и решавање проблеми во процесот на настава и учење, како и вклучување на кодирањето во процесот на настава и учење.

Сите основни училишта ќе бидат охрабрени и ќе добијат поддршка да формираат Клубови за кодирање како дополнителна активност. Наградите за најдобрите проекти ќе се доделуваат годишно, а школските тимови од регионот ќе се поврзат преку дигитална платформа за да го споделат наученото и да комуницираат меѓу себе.

На презентацијата на програмата присуствуваа и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, британската амбасадорка Рејчел Галовеј и министерот за образование Арбер Адеми.

Британскиот совет ја воведе програмата како пилот –проект во 20 училишта, по што добиле позитивни критики од учениците, нагласи директорката Елеонора Запрова.

За време на презентацијата на проектот, најдобрите ученици го презентираа сработеното. Тие ќе се натпреваруваат и на регионално ниво на Дигиталниот самит за Западен Балкан кој ќе се одржува во Белград.