#ТвитерДедоМраз повторно во акција – се собираат пакетчиња за деца од социјално загрозени семејства

Акцијата #ТвитерДедоМраз и годинава собира пакетчиња, школски прибор и облека, кои ќе им бидат подарени на децата од социјално загрозените семејства.

Со испраќање на мејл или телефонски повик на броевите оставени во делот Контакт на веб-страницата dedomraz.mk, граѓаните директно се вклучуваат во хуманитарната иницијатива.

„Првпат се појави пред три години, кога почувствувавме потреба да помогнеме во детскиот дел на Неврохирургија и успеавме во тоа благодарение на некои спонзори кои се пријавија и благодарение на сите твитерџии кои донираа. Втората година поставивме еден поголем таргет каде што собравме над 1200 пакетчиња кои беа донирани на деца од социјално загрозени семејства, а списокот го составува невладината организација „Љубезност“ која исто така бесплатно се пријави и да волонтира во #ТвитерДедоМраз“, велат од иницијативата за Радио МОФ.

Оттаму се надеваат дека и годинава ќе успеат да соберат повеќе пакетчиња и ќе израдуваат поголем број на дечиња.