Твитер промовираше „флитови“ – твитови кои исчезнуваат за 24 часа

Твитер на глобално ниво ја пушти во употреба новата алатка наречена „флитови“, кои се всушност твитови кои ќе исчезнат по 24 часа.

Од компанијата и претходно соопштија дека планираат да воведат ваква новина на нивната платформа, а пуштањето во употреба на светско ниво го направија откако го тестираа во Бразил, Италија, Индија и Јужна Кореја.

„Некои од вас не информираа дека твитањето им е непријатно бидејќи им изгледа многу јавно и многу трајно и дека постои голем притисок да се добиваат ретвитови и лајкови. Бидејќи исчезнуваат по само еден ден овие „флитови“ им помагаат на луѓето да бидат поудобни во споделување на нивните обични мисли и чувства“, објаснуваат директорот за дизајн на Твитер, Џошуа Харис и менаџерот за производи Сам Хавесон.

Некои од корисниците на Твитер, кои експериментирале со новата алатка, пак метаат дека таа овозможува загрижувачки можности за онлајн малтретирање, како праќање непосакувани директни пораки. Истовремено новата опција овозможува авторите на „флитовите“ да ги тагираат луѓето кои ги имаат блокирано.

Од Твитер соопштија дека го слушаат ставот на заедницата и дека работат на корекции за сите безбедносни грижи.

„Флитовите“ можат да вклучуваат текст, фотографии и видеа. Тие ќе бидат достапни на врвот на „тајмлајнот“ на корисниците и на нивниот профил.

Од Твитер истовремено потврдија дека работат на алатка за аудио во живо која е наречена „Простори“ (Spaces) која планираат да ја тестираат наскоро. Таа алатка ќе им овозможува на корисниците да разговараат гласовно во јавни групи. Слична е со „Клубхаус“ (Clubhouse) социјалната платформа, која исто така овозможува гласовни соби за разговор.